Живот
21. July 2017 - 11:53

Торбичка со остатоци месечев прав продадена за 1,8 милиони долари

Чанта во која има остатоци месечев прав беше продадена за 1,8 милиони долари на наддавање во аукциската куќа „Сотбис".

Белата платнена торбичка со патент, со размер 20 х 30 сантиметри му припаѓала на астронаутот Нил Армстронг. Тој ја искористил за собирање месечеви камчиња во 1969, кога, како што велат, првпат стапнал на Месечината.

Артефактот од „Аполо 11" е особено вреден и поради една друга причина. Имено, чантичката во 2015 беше по грешка продадена на владина онлајн аукција, и тоа за 995 долари. НАСА потоа водеше борба за да ја врати во свој посед, но во декември законот одлучи дека сопственик на чантата е жената којашто ја купила во 2015 година.

Засега не се соопштува кој е новиот сопственик на „историската чанта“. Претходниот сопственик ја испрати прашината во НАСА заради утврдување на автентичноста, а вселенската агенција потврди дека соодржината во чантата е месечев прав, темно-сива прашина, налик на барут.