Балкан
6. јуни 2018 - 12:33

Теодоракис: Вселенскиот патријарх е решен да го реши црковното прашање со Скопје

Вселенскиот патријарх Вартоломеј интензивно работи во позадина и е решен да го затвори прашањето со црквата на Скопје, вели лидерот на партијата Река, Ставрос Теодоракис во интервју за грчкото радио „Алфа 989“.

Првиот човек на централно-левичарската партија имал средба и разговор со Вартоломеј за време на посетата на Грција на вселенскиот патријарх, а една од темите било и прашањето со МПЦ.

- Го прашав патријархот што ќе биде со црквата на Скопје и ми рече дека се разгледува позитивно нивното барање да се вратат во канонски рамки, во суштина да го негираат нивното старо име кое што е црква на Македонија, оптимист е, но очигледно е дека постојат и пречки. Пречките се дека Србите не сакаат, Русите не сакаат, некои се обидуваат да го спречат тоа. Но, видов дека патријархот е решен, тој е паметен човек, работи интензивно во позадина за да нѐ ослободи од овој трн. Бидејќи ќе биде добро црквата на Скопје да се врати на име што нема да предизвикува тензии и ќе биде прва победа против иредентистичките политики, вели Теодоракис.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, лидерот на Река изразува оптимизам за решение, коментира дека е во корист и на Грција да се постигне договор, затоа што „треба сите сериозно да се размисли дали можеби грчкото однесување го праќа Скопје во пакет кај Турците“.

- Во политиката не постои празнина. Ако Грција не ја пополни празнината, ако Грција не ја подаде раката кон нашите соседи, ако не им помогне да постојат како членови на европската заедница, јасно не говориме за денес, туку по многу години, да знаеме дека празнината ќе ја пополнат Турците. Прашањето е едно и кон оние кои што протестираат и кон оние што се резервирани: Дали сметаат дека Грција може да има турски фронт и на нејзината северна граница? Ова е прашањето. На ова треба да одговорат патриотите Грци, објаснува лидерот на Река.

Прашан за македонскиот јазик и македонскиот идентитет како дел од договорот, Теодоракис потсети дека „без да бидеме прашани, самоопределувањето е гарантирано право во Организацијата на обединетите нации“.

Во однос на тоа што треба да содржи договорот, Теодоракис вели дека за него е важно да не постојат иредентистички визии кон Грција од соседната земја, но и дека е „смешно Грците да се чувствуваат дека се под закана од Скопје“. 

- Јас не се чувствувам дека сум под закана од Скопје. Ако некои се чувствуваат под закана, нека разговараат за тоа во нивното друштво, а веројатно и со нивниот доктор. Сметам дека Скопје не е закана за нас. Смешно е да си во Солун, на Халкидики, во Северна Грција, да си Грк Македонец и да се чувствуваш дека ти се заканува оваа држава што се обидува да застане на свои нозе. Оваа држава не ти се заканува, порача Теодоракис.

Лидерот на Река рече дека премиерот Заев е лидер со кој, Грција може да се договори, бидејќи е социјалдемократ и европски политичар.