Свет
14. April 2022 - 8:49

Телата на околу 1.500 руски војници пронајдени во градот Днипро, тврдат локалните украински власти

Телата на повеќе од 1.500 руски војници се пронајдени во украинскиот град Днипро, во југоисточна Украина, соопштија украинските власти.

„Телата се пренесени во четири различни мртовечници”, изјави заменик-градоначалникот на индустрискиот град, Михајло Лисенко.

Тој ги повика мајките на руските војници да дојдат и да ги земат нивните мртви синови.

„Не сакаме да ги закопуваме во масовни гробници. Не сакаме да ги кремираме. Ние не сме ѕверови”, рече Лисенко.

Информациите за изнесените тврдења не се потврдени од независни извори.

Украинската армија тврди дека од почетокот на руската инвазија што почна пред седум недели, во борбите се убиени околу дваесет илјади руски војници.

Москва наведува значително помали загуби неодамна потврдувајќи ја смртта на 1.351 војник од редовите на руската армија.