Македонија
10. January 2024 - 17:16

Тасевски: На располагање сум за сите институции и ревизии, со соодветни документации и обуки

Претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски во објава на Фејсбук наведува дека по инсинуациите за семејни вработувања и непотизам во М-НАВ, стои на располагања на сите институции и ревизии, со соодветни документации, лиценци и обуки, завршени во странство и кај нас. 

Тасевски истакнува дека претседател на ССКЛ, но исто и како вработен во М-НАВ како високо професионална институција, ги поздравува потезите на Владата, како што пишува, да се „чешлаат" вработувања и со самото тоа и досегашното работење на М-НАВ, укажувајќи дека тоа всушност и биле нивните синдикални барања досега.

Му се заблагодарува на премиерот Ковачевски што, наведува во објавата, некој најпосле ги послуша нашите барања со сериозност, а не како во минатото, сето тоа да остане на празни ветувања.

-Што се однесува до инсинуациите за семејни вработувања и непотизам, во конкретниов случај посочен јас и моето семејство, стојам на располагање, на сите институции, и ревизии, со соодветни документации, лиценци и обуки, завршени во странство, и кај нас. Како дел од нив, би напоменал многу-бројни обуки во ЕУРОКОНТРОЛ, центри за обука за контролори на летање во Америка, почетното школо за контрола на летање во Белград, постојани проверки на теоретско и практично знаење и способност, лиценци за инструктор и за испитувач... Набројувам само мал дел од образовните институции низ кои сум поминал, со цел да се објасни во јавност, дека моето школување за контролор на летање, започнало многу пред М-НАВ дури и да постои како компанија, во далечната 1993-та година, пишува Тасевски.

Како дел од фелата на контролори на летање, дополнува тој во објавата, успеав, и се уште настојувам да помогнам со моето стекнато знаење, да ја усовршам професијата, себеси па и компанијата, давајќи удел од самите почетоци кога М-НАВ како компанија прооде првпат.

-Фактот што татко ми, посочен исто во изјавата, бил претходно вработен во полето на авијацијата, од времето на бивша Југославија, па после и во М-НАВ, но јас сепак бев „принуден" да ги поминам сите тие обуки, курсеви, испити и препреки, укажува на професионалноста од негова страна, доблеста и дисциплината што ни ја втемели во нашиот карактер. Од таму и потекнува борбеноста, љубовта и желбата за максимална професионалност во контролата на летање, за која што продолжувам и понатаму да се залагам да се применува за секој еден кој што сака да биде дел од нашето воздухопловно семејство, без разлика дали е „нечив“ или „ничив“. Овој факт, би требал да биде пример за пофалба, а не за критика и дефокусирање од вистинските проблеми во М-НАВ, стои во објавата од Тасевски. 

Премиерот Димитар Ковачевски претходно во одговор на новинарско прашање рече дека со М-НАВ треба посериозно да се позанимава не само Владата, туку и Еуроконтрол бидејќи тие се во системот на Еуроконтрол и нивното финансирање е оттаму.

-Таму има неколку аспекти коишто треба да се анализираат и во дел во којшто треба да се интервенира. Прво, сметам дека таа фирма е станата како семејна фирма, бидејќи кога ќе погледнете има до трето колено вработени. Вие кога ќе земете синдикат – татко му таму работел, таму тој работи, брат му работи таму, на крај тие станале како семејство во кое што имаат конфликти коишто обично се случуваат по дома, кај луѓе, и сметам дека треба да се испитаат и како што вели и ЕУ, начинот на којшто ги прават конкурсите, начинот и критериуми на селекција на кандидати итн., да не се случи некој кандидат да добива готови тестови не знам, меѓутоа се тоа треба да се види, бидејќи премногу „случајности“ има во таа организација, кои имплицираат дека можеби тие случајности и не се толку случајни, рече Ковачевски, оценувајќи дека надзорот на синдикалните организации не е притисок.

Во однос на тоа дека има гласини дека новиот кандидат за директор на М-НАВ е внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети, Ковачевски рече дека не знае чиј внук е и оти е 25 години контролор на летање. 

По инцидентот од 4 јануари со упадот во објектот на Контролата на летање и напад на вработените, што се случија по реакците и оспорувањата од Синдикатот за спроведувањето на последниот оглас за вработување и  работата на раководството на М-НАВ, Владата вчера даде насоки надзорниот одбор на М-НАВ да ги разреши претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор во М-НАВ Љубе Стаменковски, а на нивните места да ги именува Хекуран Асани, односно Милан Кораќ. Воедно, Влада ѝ препорача на Агенцијата за цивилно воздухоповство да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и за истото да го информира ресорното министерство и Владата. Исто така го задолжи Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на „М-НАВ“ А.Д. – Скопје.