„Тартиф“ во режија на Галин Стоев премиерно во МНТ
Македонскиот народен театар во вторник, 20 декември, премиерно ќе ја изведе претставата на Молиер „Тартиф“ на бугарскиот режисер Галин Стоев, кој овој драмски текст пред две години го постави во „Комеди Франсез“ во Париз, т.е. славниот Дом на трупата на Молиер.
Насловниот лик ќе го игра Драган Спасов-Дац, кому улогата му е прва по преминувањето од Драмски театар во МНТ. Драмата е напишана во 17 век и актуелна зашто тематизира безвременска тема - лицемерството на поединецот како метафора за хипокризијата во самото општество.
Директорот на МНТ Дејан Пројковски на прес-конференција рече дека „Тартиф“ е меѓу капиталните дела на театарската литература. - Тоа е текст со кој режисерот и театарот што го поставува ја тестира својата зрелост, рече Пројковски и нагласи дека било предизвик и возбуда „Тартиф“ да го работи Стоев кој во 2014 ја поставил оваа претстава во „Комеди Франсез“. Со познатиот париски театар Стоев соработува од 2007 и покрај „Тартиф“ таму поставил уште четири претстави.
Режисерот рече дека направиле нова верзија, различна од таа во Франција. - За мене беше важно претставата да е многу поразлична од таа во „Комеди Франсез“. Мислам дека не треба да се прави копирање на некоја претстава, туку секојпат се приспособувам на спефициките на екипата, на можностите на театарот и најмногу таа да се вклопува во локалниот контекст за да стане претстава која прво би имала смисла тука, рече Стоев.
По 17 години Стоев се враќа во МНТ каде во 1999 ја постави „Антигона во Техноленд“. Во меѓувреме изградил меѓународна кариера и работел во некои од големите национални куќи во Европа. Стоев ја пофали соработката со екипата на МНТ и самиот процес на подготовка и рече дека прифатил некои нивни предлози кои ги смениле неговите првични идеи.
Драган Спасов-Дац е задоволен од својата прва улога во МНТ по доаѓањето од Драмски, од приемот од ансамблот и работата со Стоев, како и од тоа што по 23 години на сцената е повторно со својот колега и другар од студентските денови Ѓорѓи Јолевски. Единствено што му било напорно, рече, бил текстот во стих.
Јолевски, кој го игра Оргон, истакна дека е секогаш убаво да се обновуваат големите драмски дела во ново руво и во духот на сегашноста, потсетувајќи дека претходниот „Тартиф“ на МНТ е од средината на 1980-тите. Пред десетина години тој ја играл улогата на Тартиф во претстава на Штипскиот театар.
- Овојпат го играм Оргон. Две целосно различни претстави и два различни пристапа. Да се биде од другата страна, од страната на лекомислениот или заблудениот Оргон, кој во суштина е доста празен, рамнодушен и без чувства, како и секој политичар и бизнисмен на современоста, кој се обидува преку Тартиф да дојде до нешто суштинско. Се разбира, лицемерието кое е главна тема на оваа претстава, е единствено возможно и може да никне само ако постои плодна почва. А тоа е едно потполно труло семејство во кое секој е преполн со ништо, празнотија и површност, рече Јолевски.
Покрај нив, во актерската екипа се и: Даница Георгиевска, Владимир Јачев, Тања Кочовска, Дарја Ризова, Оливер Митковски, Катина Иванова, Никола Ацески, Александар Микиќ, Кире Ѓоревски и Тања Ивановска.
Сценографот Венелин Шурелов рече дека просторот го осмислил следејќи неколку аспекти - од сакралното, преку индустриското до актуелниот консумеризам. Костимограф во новиот „Тартиф“ е Елица Георгиева, а композитор на музиката Саша Карлсон.
Ново на Сител
-
Преглед на вестите од светот
-
ВО ЖИВО: Како да се заштити Скопје од криминалните банди?
-
Тема на денот со Панче Тошковски, Министер за внатрешни работи
-
Компаниите и владата мора заедно да работат за дигитална трансформација
-
Четири јавни дебати за реформи на Судскиот совет
-
Нов обид за убиство на Раде Штекли – бомба одекна во Ќерамидница
-
Убиство од небрежност
-
Почна собраниската дебата за буџетот за 2025