Македонија
27. July 2020 - 16:33

Талат Џафери и по три теста негативен, сепак неизвесно дали ќе оди на Мечкин Камен

Сите три теста за корона вирус на спикерот Талат Џафери се негативни. Извори за Сител сепак посочуваат дека Џафери останува хоспитализиран на Инфективната клиника поради пневмонија и симптоми на вирусот.

Заради ваквата здравствена состојба до овој момент е неизвесно дали собранискиот спикер ќе ја свика и предводи конститутивната седница која според Уставот треба да се одржи 20 дена по изборите или најдоцна до 4 август.

 2 дена претходно Џафери треба да ја предводи и делегацијата во Крушево на централната манифестација за одбележување на Илинден. Неговото присутво засега е неизвесно, но и од македонската влада не откриваат дали ќе има измени во веќе утврдениот распоред. Одлука ќе се носи кон крајот на неделата врз основа на здравствената состојба на Џафери.

Во одбележувањето на 2 август се вклучува и премиерот Оливер Спасовски кој ќе ја предводи делегацијата во Скопје и шефот на државата Стево Пендаровски кој годината ќе присуствува во Пелинце.

Илинден оваа година ќе се одбележи без традиционалните настани и под посебни протоколи за заштита.  Без масовни собири на граѓаните на отворено и во угостителските објекти со обезбедена дистанца и строго утврдено движење до локациите и местата за посетителите. Пендаровски Спасовски и Џафери ќе имаат кратки обраќања и ќе положат свежо цвеќе.