Тачи: Идејата на Вучиќ за ден за сеќавање на жртвите е неприфатлива
Косовскиот министер за надворешни работи Хашим Тачи ја оцени како „неприфатлива“ идејата на српкиот премиер Александар Вучиќ за воспоставување на заеднички ден на сеќавање на жртвите на судирите на просторот на поранешна Југославија, јави Ал Џазира.
- Таквата идеја претставува релативизација и повторно пишување на историјата. Не можеме да ги изедначиме оние кои поттикнуваа, организираа и извршија геноцид, со оние кои ги бранеа своите домови. Тоа не е ниту чивечки, ниту пак придонесува за помирување, изјави Тачи.
Според него, помирувањето на просторот на поранешна Југославија треба да биде во служба на иднината, а не да се користи за „дневна политика и за создавање медиумски спектакл“.
Претходно вчера, ваквата можност ја отфрли и хрватскиот премиер Зоран Милановиќ.
- Со должна почит и сочувство, ние никому не му ги одредуваме празниците и деновите на сеќавање, ниту пак некој може тоа да ни го прави нам, изјави Милановиќ.
Вучиќ во петкот најави дека на претстојната конференција за Западен Балкан во Виена ќе предложи воспоставување заеднички ден на сеќавање за жртвите од судирите на просторот на поранешна Југославија.
Тој рече дека на 27 август во Виена ќе им предложи на лидерите од државите што учествуваа во судирите на просторот на поранешна Југославија, да договорат заеднички ден на сеќавање на сите жртви „кои не би биле разликувани по национална припадност“.
Како што јави Танјуг, иницијативата на Вучиќ досега ја поддржа само претседателот на Република Српска Милорад Додик, кој истакна дека тоа е добар предлог што доаѓа во вистинско време и е дел од „континуитетот на мировните напори на Србија за зајакнување на помирувањето и соработката во регионот“.
Ново на Сител
-
Преглед на вестите од светот
-
Поради пожари затворен граничниот премин Блаце
-
Црн облак го покри Скопје - се запали отпад за старо железо: се евакуираше дел од населението
-
Извештајот за Македонија изгласан во Европскиот парламент без македонски јазик и идентитет
-
Реакција за Извештајот
-
Европратеничката Јовева со јасна порака до соседите
-
„Стануваме енергетска крстосница во регионот“ - почна изградбата на гасниот интерконектор со Грција
-
Голем интерес за брзата пруга