Македонија
17. February 2017 - 11:27

„Т2 Треинспоринг“ го отвори Фестивалот на нов британски филм „PlayUK“

Со прикажувањето на продолжението на култниот филм „Т2 Треинспотинг“,  вчера во кино Милениум во Скопје беше отворено првото израние на Фестивалот на нов британски филм „PlayUK“.

Фестивалот официјално го отвори британскиот амбасадор во Република Македонија Чарлс Гaрет, кој истакна дека  „PlayUK“, во организација на Британскиот совет од 16 до 19 февруари ќе се одвива истовремено во шест града во регионот - Скопје, Белград, Подгорица, Призрен, Сараево и Тирана, и ќе донесе десет играни и документарни филмови од современата британска продукција.

- Фестивалот беше безимен. Преку отворање јавен натпревар во јануари добивме околу 500 креативни идеи од кои го избравме „PlayUK“. Креативноста секогаш оди во иста реченица со Британија. Ние сме домаќини на БАФТА, поседуваме неверојатни локации за снимање филмови, илјадиници луѓе се дел од креативните индустрии кои со милијарди фунти придонесуват во британската економија. На овој фестивал ќе гледаме филмови кои ја слават човековата издржливост и способност да се најдат вистинските одговори и решенија во тешки времиња, рече Гарет.

Мотив за овој фестивал, додаде тој, е и силното влијание на Британија врз овој дел од светот, и затоа и ќе бидат прикажани филмови кои се однесуваат на музика, бендови, нивното наследство и влијание.  

Филмската програма на фестивалот вечерва и во наредните денови ќе продолжи во киното „Фросина“. На програмата на „PlayUK“ се и: „Градот Лондон“ - документарец за животот на работничката класа во предградијата на Лондон во 1979; драмата „Уна“ - емотивна приказна за млада жена која почнува романтично патување во потрага по нејзиното минато; играниот документарец „Признание“ - за ширењето на џихадот во современиот свет и реакцијата на Западот.

Фестивалот го донесува и филмот „Слободна стрелба“ - за банди во Бостон во 1970-тите;  драматичната комедија „Патувањето“ - инспирирана од точката на пресврт во британската и ирската историја; ремек-делото „Белешки за слепилото“ - филм кој го истражува внатрешниот свет на слепилото и прикажува „свет над видот“ вклучувајќи ги и соништата, сеќавањето и имагинарниот живот.

На „PlayUK“ ќе бидат прикажани и комедијата „Вештините во животот на возрасните“ - приказна за самодовербата и гордоста; „Човекот од Mo'Wax“ - документарец за животот и кариерата на музичкиот продуцент Џејмс Лавел,  и „Најдоброто од нив“ - филм кој раскажува за патот на млада жена во хаосот на војната во Лондон во 1940 година.

Целата програма на фестивалот е достапна на веб-страниците на Британскиот совет во Македонија и на Младинскиот културен центар:www.britishcouncil.mk/PlayUK и www.mkc.mk.