Македонија
5. January 2017 - 10:47

СВР Тетово: На пат со зимска опрема, парични казни ако не се чисти снегот од јавните површини

Секторот за внатрешни работи Тетово ги потсетува возачите задолжително да поседуваат зимска опрема и да не тргнуваат на пат со технички неисправни возила, изморени или под дејство на алкохол.

Ова, како што наведува СВР, пред се однесува на оние возачи кои планираат да патуваат кон Стража, Маврово или Попова Шапка.

СВР Тетово апелира и до граѓаните на почитување на нивните законски обврски за навремено чистење на снегот пред дуќаните и фирмите во кои работат, но и пред зградите во кои живеат.

- Полициски службеници ги интензивираа контролните активности на патиштата, улиците и тротоарите и ги преземаат законски предвидените мерки, секаде каде ќе констатираат конкретни недостатоци. Според Законот за јавна чистота и Законот за бeзбедност на патниот сообраќај, правните лица, сопственици на објекти, кои нема да обезбедат редовно и квалитетно чистење на снегот од јавните простори пред објектите, ќе се соочат со глоба од 500 до 1.000 евра и плус 100 за одговорното лице на објектот, стои во соопштението.

Глоби од 2.000 до 3.000 евра се  предвидени и за правните лица задолжени за зимско одржување на јавните површини, доколку навреме го отстрануваат снегот. - Во полошкиот регион од пред извесно време осетно е зголемена вкупната фреквенција на возила и секое непочитување на сообраќајните правила и прописи може да причини мешаници, застои во одвивањето на сообраќајот и други несакани појави со сериозни последици, наведува СВР Тетово.