Светските лидери му честитаа на Мерц на победата, а честитки пристигнуваат и за АфД
Светските лидери му честитаа на лидерот на конзервативната опозициска демохристијанска партија ЦДУ/ЦСУ, Фридрих Мерц, за победата на предвремените парламентарни избори во Германија, додека некои и честитаа на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), која се најде на второто место.
ЦДУ/ЦСУ, чиј кандидат за канцелар е Мерц, според првите нецелосни резултати е победник на изборите во Германија со околу 29 отсто од гласовите, пред АфД со околу 20 отсто и социјалдемократите на трето место со околу 16 отсто.
Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа Трут Сошл (Truth Social) напиша дека неделата е „одличен ден за Германија“.
„Исто како и во Соединетите Американски Држави, на Германците им е доста од политиките кои немаат никаква врска со здравиот разум, особено во однос на енергијата и имиграцијата“, напиша Трамп.
„Ова е одличен ден за Германија и за Соединетите Држави под водство на господинот Доналд Џ. Трамп. Честитки до сите – нека следат уште победи“, додаде тој.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте му честиташе на Мерц за неговата победа, велејќи дека со нетрпение очекува да работи со него.
„Со нетрпение очекуваме да работиме заедно во овој клучен момент за нашата заедничка безбедност.
Од витално значење е Европа да ги зголеми трошоците за одбрана и вашето лидерство ќе биде клучно“, рече Руте.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му честиташе на Мерц, велејќи дека се радува на „блиска соработка“ со неговата влада.
„Им честитам на Фридрих Мерц и на ЦДУ/ЦСУ за нивната чиста изборна победа денесла.
Со нетрпение очекуваме да работиме тесно со вашата претстојна влада за дополнително зајакнување на партнерството меѓу нашите две земји“, рече Нетанјаху.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во честитката до Мерц изјави дека ЦДУ/ЦСУ извојувала „чиста победа“, додека чешкиот премиер Петр Фијала на X-платформата напиша дека му посакува на Мерц „многу сила и успех во формирањето федерална влада“.
„Со нетрпение очекувам натамошно продлабочување на чешко-германската соработка и соработка за зајакнување на Европа“, рече тој.
Италијанскиот вицепремиер Матео Салвини и честиташе на АфД за изборните резултати. „И во Германија победуваат промените.
АфД ги удвојува гласовите, и покрај нападите и лагите од левицата: престанете со илегалната имиграција и исламскиот фанатизам, доста со еко-лудило, приоритет на мирот и работните места, Европа мора радикално да се промени“, рече Салвини.
Лидерот на десничарската популистичка ФПО во Австрија, Херберт Кикл, и честиташе на АфД за добриот резултат.
Моменталните проекции покажуваат дека АфД ќе го удвои својот удел на гласови од изборите во 2021 година на околу 20 проценти – нејзиниот најсилен резултат досега.
„Луѓето повеќе не сакаат да го поднесуваат патернализмот, илегалната масовна имиграција, исламистичкиот терор и безбедносниот хаос што резултира, климатскиот комунизам и уништувањето на просперитетот“, рече тој.
Ново на Сител
-
Трамп: Водам сериозни разговори со Путин за завршување на војната
-
Еурофарм Пелистер надмоќен во дербито со Алкалоид, победа со плус 13
-
Кривична против 4 лица поради несовесно работење во службата
-
Кривична за директор и 6 вработени во Центарот за социјални работи
-
ОЈО: Заврши истрагата за Онкологија
-
Фон дер Лајен: Украина може да влезе во ЕУ пред 2030 година
-
52-годишен маж уапсен поради агресивно однесување кон полицајци
-
Кошта: Ги цениме напорите на Трамп, но само Украина решава дали има услови за мировни преговори