Македонија
15. December 2017 - 9:02

Свечена академија по повод 70 години од Факултетот за земјоделски науки и храна

По повеќето активности и настани организирани претходниве месеци, Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) вечер, со свечена академија во Македонскиот народен театар, ќе го заокружи одбележувањето на јубилејот - 70 години постоење.

ФЗНХ почна со работа во 1947 година како Земјоделско-шумарски факултет. Дваесет и осум години подоцна, од него се издвоија два независни факултета, Земјоделски и Шумарски.

Земјоделскиот факултет во 2004 година е преименуван во Факултет за земјоделски науки и храна - Скопје.

На ФЗНХ досега дипломирале 7.811 студенти, 506 магистри, 259 доктори на науки и 117 специјализанти. 

Во рамки на годинашниот јубилеј - седум децении постоење, ФЗНХ во откомври го организира третиот Меѓународен симпозиум за земјоделство и храна - ISAF 2017 на кој учествуваа преку 400 научници и експерти од областа на земјоделството и храната од 26 земји. Ова беше продолжување на традиционалната средба Факултет-Стопанство, што се одржа 39. пат.