Македонија
16. August 2022 - 16:37

Суспендирана Вилма Русковска поради претресот во финансиската полиција

Љубомир Јовески ја суспендираше Рускоска поради претресот во финансиската полиција на Муареми. Покрај неа, како што објавуваа од Обвинителството, со дисциплински постапки ќе се соочат уште две обвинителки кои постапувале во истиот предмет, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

Во согласност со член 93 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство.

Во исто време, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител – се вели во соопштението на обвинителството на Јовески.

Рускоска ја потврди информацијата но не изнесе повеќе детали.

Суспензијата за Рускоска доаѓа по серијата јавни преписки со првиот човек на финансиската полиција Арафат Муареми кој ја обвини дека незаконски вршела претрес во неговаите канцеларии. Рускоска преку писмо побара од меѓународниот фактор помош во спречување на притисоците кои врз неа ги врши функционер на Владата за кој таа има сомнение дека е вмешан во криминал.

Муареми пак поднесе претставка до републичкото јавно обвинителство кое по извршениот увид потврди дека Рускоска и двете обвинителки направиле пропусти во постапката.