Македонија
17. March 2020 - 16:49

Судскиот совет бара да продолжат големите судења

Да продожат судењата каде обвинетите се во притвор, бара Судскиот совет.. На денешната седница препорача да се водат рочишта за времени мерки, судења во кои странки се странски државјани и кривични предмети со притвор. Такви се Рекет каде во судница има 15-тина луѓе, Монструм со над 25-мина, Титаник со близу 40-тина присутни.. За адвокатската комора таквите судења се потенцијална можност за ширење на вирусот.

„Присутни се судијата, поротата, записничарите, странките во судењата па претставуваат големи потенцијални места каде што може да се рашири корона. Од друга страна е многу важно затоа што ние контактираме со притворени и затворени лица кои се во казнено поправните институции, можеме лесно да пренесеме и ние вирусот таму што би претставувал катастрофа ако тоа се рашири по затворите бидејќи знаете какви се условите во здравствениот систем“, изјави Љубомир Михајловски, Адвокатска комора.

Според одлуката на судскиот совет, во овој период ќе се суди и за кривични предмети пренесување на заразна болест, неукажување лекарска помош или напад на полицаец. За останатите предмети, се препорачува судиите сами да одлучуваат. Во меѓувреме се бара спроведување на мерките за заштита од корона вирусот.

„Да се контролира влегувањето во судот, како не би се создала гужва пред шалтерите, а со тоа и можност од инфекција. Пред и по завршувањето на расправите да се изврши дезинфекција на судниците и другите простории во судот“, се вели во одлуката на судскиот совет.

Во меѓувреме, судовите во внатрешноста веќе ги откажаа рочиштата. По штипскиот, денеска и кавадаречкиот суд најави прекин на работата се додека во сила се мерките против корона вирусот. Ќе се судат само притворски и предмети пред застарување.

Слична мерка воведе и скопскиот апелационен суд. Го откажа рочиштетот по жалбите за осудените од собраниските настани на 27 април и најави дека со странките ќе комуницира единствено по електронски пат.