Македонија
27. December 2019 - 13:44

Судењето за „Рекет“ продолжува на 3 јануари

Судењето за случајот „Рекет“ ќе продолжи на 3 јануари 2020, со сослушување сведоци, меѓу кои и заменичката на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Елизабета Јосифовска, откако на денешното рочиште сведочеше Христијан Баневски, кој работел како новинар во 1ТВ на Бојан Јовановски – Боки 13.

Баневски одговарајќи на прашања од обвинителката Вилма Рускоска, образложи како функционирала телевизијата и како добивале насоки за најава на одредени теми и вести.

– Требаше да прочитам најава дека ќе испратиме мостри на анализа на сите флаширани води на пазарот. Неколку пати за време на рекламите Бојан Јовановски инсистираше неколку пати да го повторам тоа, за после неколку месеци спонзор на телевизијата да биде Пелистерка и кај мене на маса да се најде шише вода Пелистерка, изјави Баневски.

Потоа, добив барање од Јовановски да правам сторија за една месна индустрија од Велес. Кога го побарав газдата на фирмата Агрија, рече сведокот, тој ми се развика, а по некој месец самиот не бараше и прими на разговор, а јас дознав дека во меѓувреме се сретнал со Бојан, изјави Баневски.

– Ми рече па „вие не сте новинари, туку работите како рекетари”. Од тоа јас бев навреден и потоа побарав образложение од Бојан и го прашав дали го рекетирате овој човек, на што ми одговори, дека оваа телевизија треба да живее од нешто. Јас реков дека не сакам да работам повеќе на такви приказни и ќе си заминам, изјави Баневски.

Посочи дека потоа бил на некој начин дистанциран и повеќе не добивал такви задачи се до затворањето на телевизијата.

На прашање од Боки 13, дали како новинар во 1ТВ имал целосна слобода во правењето вести, на што сведокот рече да, освен во тие неколку случаи што ги посочив.

Боки 13 го праша сведокот дали тој имал работна задача да се грижи за маркетингот на телевизијата, сведокот рече не.

– На почетокот имавме апсолутна слобода, па и понатаму имавме слобода. Поради тоа и ме изненади начинот за случаите што ги кажав. Ме изненади и тоа како беше третирана темата со враќање на пасошот на Камчев. Бев суспендиран на еден месец, бидејќи објавив три работи за кои Бојан пред емисија ми рече дека не смеам да ги објавам, рече сведокот.

Втора сведочеше хонорарно вработена во домот на Јовановски, која одговараше на прашања од обвинителката за тоа како било уредено о кој доаѓал на гости.

– Имаше многу угледни гости. Во домот имаше повеќе слики од една галерија, но не беа платени, туку така оставени зошто доаѓаа повеќе познати личности, па повеќе има можност да се продаде некоја слика, рече сведокот.

Прашана кој се има видено во домот на Боки 13, сведокот рече доаѓале повеќе познати личности.

– Имаат доаѓано Шекеринска, еднаш Орце Камчев, повеќе пати Зоки Милевски, биле и Стефан Богоев, Кирацовски, Лила Филиповска, Сергеј, Анита Кочишки и други, рече сведокот.

Прашана што е „чест гостин“, кога вели за Зоки Милевски, сведокот рече дека тој доаѓал и по двапати на ден и слободно влегувал без да тропне.

Одбраната ја праша дали бил и министерот Венко Филипче, на што сведокот одговори потврдно, додавајќи дека дошол заедно со Камчев.

Случајот го води судијката Васка Николовска Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“.

Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.