Македонија
11. April 2023 - 10:44

Судењето за Ласкарци одложено за 20 април

Судењето за автобуската несреќа што се случи на 13 февруари 2019 година кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени се одложува за 20 април 2023 година.

Случајот се уште се наоѓа во доказна постапка и на денешното рочиште требаше да се продолжи со сослушување на четвртиот вештак кој работел на супервештачењето, но утрово било добиено известување дека еден од членовите на судечкиот совет е на болничко лекување.

За причината за одложување на денешното рочиште, медиумите дополнително беа информирани од Канцеларијата за односи со јавност на Кривичен суд.

Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

Случајот се води против шест лица. 

Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.