Свет
11. April 2021 - 8:36

Студија: Јужноафриканската варијанта на вирусот може да ја „пробие“ вакцината на Фајзер

Варијантата на корона вирусот откриена во Јужна Африка може да ја „пробие“ вакцината против КОВИД-19 на „Фајзер“/БиоНТек“ (Pfizer / BioNTech) до одреден степен, откри студија на податоци во Израел, иако распространетоста во земјата е мала, а истражувањето не било рецензирано, јави Ројтерс.
Студијата, објавена во саботата, спореди речиси 400 луѓе кои биле позитивни на КОВИД-19, 14 дена или повеќе откако примиле една или две дози вакцина, наспроти ист број на невакцинирани пациенти со оваа болест. Се совпаѓале според возраста и полот, меѓу другите карактеристики.

Утврдено е дека јужноафриканската варијанта, Б.1.351, сочинува околу 1 отсто од сите случаи на КОВИД-19 кај учесниците, според студијата на Универзитетот во Тел Авив и најголемиот обезбедувач на здравствени услуги во Израел, Клалит.

Но, меѓу пациентите кои примиле две дози вакцина, стапката на преваленца на варијантата била осум пати поголема во однос на невакцинираните – 5,4 отсто наспроти 0,7 оттсто.

Ова сугерира дека вакцината е помалку ефикасна во однос на јужноафриканската варијанта, во споредба со оригиналниот корона вирус и варијантата за прв пат идентификувана во Велика Британија, која ги опфаќа скоро сите случаи на КОВИД-19 во Израел, велат истражувачите.

„Откривме непропорционално поголема стапка на јужноафриканска варијанта кај луѓето вакцинирани со втора доза, во споредба со невакцинираната група. Ова значи дека варијантата од Јужна Африка е во можност, до одреден степен, да ја пробие заштитата на вакцината “, изјави Ади Стерн од универзитетот во Тел Авив.
Истражувачите сепак предупредија дека студијата е направена врз мал примерок на луѓе заразени со јужноафриканската варијанта поради нејзината реткост во Израел.

Тие исто така додадоа дека истражувањето немало за цел да ја утврди целокупната ефикасност на вакцините против која било варијанта на вирусот, бидејќи биле испитувани само луѓе кои веќе биле позитивни на КОВИД-19, а не според вкупните стапки на инфекции.

Pfizer и BioNTech не можеа веднаш да се добијат за коментар надвор од работното време.

Компаниите на 1 април изјавија дека нивната вакцина е околу 91 отсто ефикасна во спречувањето на КОВИД-19, повикувајќи се на ажурирани податоци од испитувања кои вклучуваат учесници инокулирани до шест месеци.

Во однос на јужноафриканската варијанта, тие рекоа дека меѓу група од 800 студенти волонтери во Јужна Африка, каде што е распространето Б.1.351, имало девет случаи на КОВИД-19, сите се случиле меѓу учесниците кои добиле плацебо. Од тие девет случаи, шестмина биле лица заразени со јужноафриканската варијанта.

Некои претходни студии индицираа дека дозата Pfizer / BioNTech беше помалку моќна во однос на варијантата B.1.351 отколку во однос на другите варијанти на корона вирусот, но сепак нуди робусна одбрана.

Додека резултатите од студијата може да предизвикаат загриженост, според Стерн, малата преваленца на јужноафриканскиот вид беше охрабрувачка.

„Дури и ако јужноафриканската варијанта навистина ја пробие заштитата на вакцината, таа не се шири значајно меѓу населението“, рече Стерн, додавајќи дека британската варијанта може да го „блокира“ ширењето на јужноафриканскиот вид.

Речиси 53 отсто од 9,3 милиони жители на Израел ги добиле двете дози на Фајзер. Израел во голема мерка повторно ја отвори својата економија во последните неколку недели, додека пандемијата се чини дека се повлекува, со нагло опаднати стапки на инфекции, тешки болести и хоспитализации. Околу една третина од Израелците се помлади од 16 години, што значи дека сè уште не ги исполнуваат условите за вакцинирање.