Македонија
20. March 2024 - 16:43

Струшкиот градоначалник заработи уште едно обвинение, вкупно 16 се водат против него

Струшкото обвинителство поднесе обвининие против градоначалникот Рамиз Мерко за несовесно работење. Ова е второ обвинение за само еден месец.  Мерко ќе одговара на суд бидејќи незаконски поставил вд директорка на основно  училиште во Лабуништа, жена која ниту била таму вработена ниту пак имала искуство во воспитно образовна работа.

„Обвинетиот овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да и се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси.“

Градоначалникот на Струга не е достапен за изјава. Тој е на позицијата градоначалник по трет пат  и е познат во јавноста по голем број  скандали и обвиненија, но до сега ниту еднаш не одговарал пред лицето на правдата. Вкупно 16 активни предмети се водат за него. Мерко имал и повеќе но со годините десетина веќе застареле. Пред неколку недели ојо за организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт за  набавката на службеното  Ауди вредно околу 70 илјади евра. Според Кривичниот законик, делата за кои е обвинет првиот човек на општината во Струга се казнуваат со затвор од најмалку три месеци до максимални пет години.

Во меѓувреме, Рамиз Мерко се најде и на црната листа на САД за корупција , по што тој го замрзна своето членство во ДУИ но не ја напушти градоначалничката функција.