Македонија
13. February 2024 - 16:39

Строга контрола на границата со Грција

Гевгеличанецот Александар Костенаров со нови патни исправи на кои пишува Република Северна Македонија утрово преку граничниот премин Богородица тргна кон соседна Грција. Сителовата екипа го сретна пред да излезе од државата. На прашањето за новите услови за патување и дали ги заменил сите потребни документи одговори дека тоа го направил уште пред две години и не очекува никакви проблеми.

Неколку минути подоцна повторно се сретнавме со Александар, но овој пат на влез од Грција кон Македонија. Наместо до аеродромот во Солун кој беше неговата дестинација успеал да стаса само до граничниот премин Евзони. Таму го информирале дека тој може да ја помине границата, но не и возилото бидејќи на сообраќајната дозвола пишувало Република Македонија.

Александар не беше единствениот кој денеска не успеа да влезе во Грција. Со истиот проблем се соочија и повеќе други граѓани. Сите со нови пасоши и возачки, но стари сообраќајни дозволи.

Новите правила на патување значително ја намалија и фреквенцијата на македонските граѓани на граничниот премин Богородица. Нивниот број денеска беше помал за неколку пати од вообичаениот дневен просек.

Освен на Богородица, значително намален број на македонски патници од полноќ е регистриран и на останатите два премини со јужниот сосед, Дојран и Меџитлија.