Свет
14. January 2019 - 9:23

Страотна експлозија на гас во Русија разнесе половина зграда: Еден загина, седуммина спасени, урнатините се пребаруваат

Во експлозија во стамбена зграда во градот Шахти, во Ростовската област загина едно лице, а седум се спасени, соопшти прес службата на Министерството за вонредни ситуации на Русија.

Експлозијата во повеќекатната зграда се случи во понеделникот наутро, а од неа се урнал ѕидот меѓу седмиот и осмиот кат и четири станови се уништени.

„Вкупно во четири оштетени станови живееле 12 лица. Седум луѓе се спасени, а едно лице загина. Судбината на четворица е непозната“, наведе Министерството.

„На деветиот кат пронајдено е тело на едно загинато лице“, се прецизира во соопштението.

На местото на несреќата се наоѓаат 230 спасители и 65 единици техника.