Свет
3. јуни 2021 - 10:18

Столтенберг повика на истрага за данско-американскиот шпионски скандал

 Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг повика на истрага за данско-американскиот шпионски скандал, по извештаите дека данските власти и помогнале на американската Агенција за национална безбедност (НСА) да прислушува познати европски политичари.
„Земјите вклучени во случајот се сојузници на НАТО и мора да ги стават сите факти на маса и да откријат што навистина се случило“, рече Столтенберг за данскиот јавен радиодифузер ДР.

Тој додаде дека случајот фрлил „грдо светло на Данска“, но дека довербата во НАТО останува недопрена.

Истражувачки новинари од Данската телевизија ДР, заедно со германските медиуми како НДР, ВДР и Зидојче цајтунг, во неделата открија дека НСА наводно прислушувала телефони на водечки политичари користејќи софтвер создаден од данската воена разузнавачка служба ФЕ. Истражувањето се засноваше на анонимни извори и внатрешна анализа на ФЕ од 2012 и 2014 година.

Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел исто така побараа целосно објаснување од владата во Копенхаген.

Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека нема систематски надзор над сојузниците и дека не верува дека се нарушени односите на Данска со Германија и Франција.
Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки рече дека оттогаш САД издале сеопфатен преглед на својот пристап кон надзорот во странство и дека претседателот Барак Обама во тоа време издал претседателска директива со која значително се променил пристапот на САД.
„Ќе продолжиме да соработуваме со нашите европски сојузници и партнери за решавање на сите прашања преку соодветни канали за национална безбедност“, рече Псаки.