Свет
31. May 2023 - 8:18

Столтенберг: НАТО испраќа дополнителни 700 војници на Косово и подготвува уште еден баталјон

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера изјави дека Алијансата ќе испрати дополнителни 700 војници на Косово со цел да се потисне насилството што избувна на северот и ќе се подготви уште еден баталјон што ќе го испрати доколку има потреба.

„НАТО го презема овој чекор за да се осигура дека КФОР ги има силите и способностите што му се потребни за извршување на својот мандат“, рече Столтенберг на прес-конференција во Осло по состанокот со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.

Тој додаде дека насилството го враќа Косово и целиот регион еден чекор назад и ги изложува на ризик евроатлантските аспирации и дека силите на НАТО во Косово ќе ги преземат сите неопходни чекори за да се осигура безбедноста на целото население.