Живот
20. May 2020 - 12:19

Стефан Марковски застапен во меѓународната поетска антологија „Хибискус“

Стихови од македонскиот книжевник Стефан Марковски се застапени во меѓународната поетска антологија „Хибискус: Песни што ги лекуваат и зајакнуваат“ („Hibiscus: Poems that Heal and Empower“), објавена во индискиот град Калкута.

Стиховите насловени „Вселените што дишат радост“ („The Joy-Breathing Universes“), се дел од стихозбирката „Сиво сјаат вселените“ се вклучени во антологијата по покана на познатиот индиски поет Кирити Сенгупта. Препевот на стиховите на англиски е на авторот.

Темата на антологијата е втемелена на одговорот на прашањето „дали и до која мера може да се определи исцелителната моќ на поетската реч во услови на глобална здравствена и духовна криза?“

Во антологијата се вклучени песни од 103 поети од целиот свет, а покрај Сенгупта, во нејзиното уредување учествуваа уредници од САД и Индија.