Македонија
30. September 2022 - 20:13

Статистика - Македонците стапуваат во брак по 25тата и раѓаат во просек по две деца

Две третини од македонското население постаро од 15 години има свој брачен партнер покажуваа последниот сет податоци од спроведениот попис.

Една четвртина од граѓаните се уште не се женети, додека само 1,65% се разведени.
Податоците покажуваат дека Македонците во брак стапуваат по 25тата година а најчесто се разведуваат откако ќе наполнат 45. Само 8% граѓани помлади од 25 години во моментов се во брак. Најмногу разведени има меѓу луѓето кои се на возраст меѓу 45 и 60 години.

Речи си 3% од оваа категорија се водат како разведени што е двојно над просекот. Интересно е што статистиката регистрирала 13 разводи кај парови кои се помлади од 19 години.
Во Македонија има вкупно 18663 жени кои родиле 5 или повеќе живи деца. Петтина од нив живеат во Скопје, главно во општините Сарај и Чаир. Во Скопски Аеродром има само 99 жени кои имаат пет или повеќе деца. Најчесто, паровите во Македонија се решаваат за 2 деца.

На оваа традиција во моментов се држат 41% од македонските жени постари од 15 години. Околу 25% жени се уште немаат деца но повеќе од половината од нив се уште немаат полни 25 години.

Над 80% од населението цел живот живее во истото место. Најмногу доселеници има во општина Аеродром, дури 20% од вкупното население а во поголемиот дел од општините на истокот од Македонија како и во руралните места бројот на доселеници е помал од 5%.