Бизнис
23. May 2020 - 10:44

Стабилноста на денарот е загарантирана, тврдат актуелниот и претходни гувернери и меѓународни институции

Денарот е стабилен со години, стабилен останува и во текот на корона кризата, и простор за загриженост нема. Народната банка гарантира дека денарот е и ќе остане стабилен, а тоа го потврдуваат и меѓународните финансиски институции и агенциите за кредитен рејтинг. Дека стабилноста на денарот е загарантирана укажуваат и поранешните први луѓе на централната банка, а кои потенцираат дека не треба да се верува на шпекулации за националната валута.

– Ја гарантираме стабилноста на денарот – како што досега, во изминатите повеќе од дваесет години курсот се одржуваше на стабилно ниво, така и отсега ќе се одржува на стабилно ниво, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Таа посочува дека девизните резерви што се клучната гаранција за стабилноста на девизниот курс на домашната валута, во изминатиот период достигнаа историски највисоко ниво. Она што е, исто така, значајно, според гувернерката е што овој пораст произлегува од подобрувањето на фундаментите на македонската економија видливо преку намалувањето на дефицитот во тековната сметка на платниот биланс.

-Високото ниво на девизни резерви акумулирано пред корона кризата ни овозможува успешно справување со предизвиците во овој период и натамошно нивно одржување на високо ниво. Така, на крајот на април, тие изнесуваат 3 милијарди и 159,6 милиони евра и во однос на март бележат зголемување за 142,3 милиони евра. Ова ниво не само што е соодветно за одржување на стабилен курс на денарот, туку како што веќе и имаме посочено, тоа е двојно повисоко во однос на 2008 година, кога како централна банка успешно одговоривме на предизвиците од глобалната економска и финансиска криза, истакнува Ангеловска-Бежоска.

Со најновите проекции на Народната банка, во претстојниот период се очекува и натамошен раст на девизните резерви. Дека нивото на девизните резерви на нашата земја е и ќе остане адекватно и дека на ниту еден начин нема да биде загрозена стабилноста на денарот се посочува и во проекциите на сите релевантни меѓународни институции. Монетарните власти во повеќе наврати потсетија и дека имаат и низа инструменти што се дополнителна гаранција за девизниот курс на денарот во однос на еврото.

Од почнувањето на корона-кризата, на социјалните мрежи, во два наврати се појавија шпекулации со информации за домашната валута, по што од централната банка повикаа и на совесно и одговорно информирање. Во дел од шпекулациите се упатуваше и на оценки на Европска Унија, по што од Делегацијата на ЕУ известија дека информациите не се точни и дека го поддржуваат ставот на Народната банка.

Цврста убеденост во стабилноста на домашната валута искажуваат и претходни гувернери на Народната банка, укажувајќи дека не треба да се верува на шпекулации за денарот. Според нив корона-кризата не може да влијае на девизниот курс на домашната валута. Граѓаните треба да бидат спокојни и како што веќе беше и порачано – нема потреба заштедите во денари да ги менуваат во евра и да се изложуваат на  непотребни трансакциски трошоци за конверзија.

– Според економските индикатори, стабилноста на денарот воопшто не е загрозена и тоа веројатно им е јасно на поголемиот број граѓани и бизниси. Не е првпат Народната банка да се соочува со пласирани шпекулации за стабилноста на курсот, но таа има целосна контрола на ситуацијата и сигурен сум дека многу брзо ќе се уверат во тоа и оние малку граѓани и бизниси кои сѐ уште подлегнуваат на вакви шпекулации, смета претходниот гувернер, Димитар Богов.

Мислењето дека стабилноста на денарот е загарантирана го споделува и неговиот претходник, Петар Гошев, кој ја водеше Народната банка до средината на мај 2011 година.

– Стабилноста на денарот, односно на неговиот девизен курс, Народната банка на Македонија ја одржува од 1997 година – значи точно 23 години. Луѓето што ја водат Народната банка добро ја знаат важноста на ова прашање за макроекономската стабилност на земјата и за последиците по економијата од нејзиното евентуално нарушување. Тие добро знаат и како се прави тоа. И покрај кризата предизвикана од пандемијата, во овој момент нема причини да се верува дека такво негативно сценарио е на повидок. Одговорните во Народната банка секој час ја искажуваат нивната подготвеност да ја одржат стабилноста на девизниот курс, велејќи дека нивото на девизните резерви е на солидно ниво, над три милијарди евра, што е точно, и велејќи дека банкарскиот систем на Македонија е стабилен, добро капитализиран, со добра ликвидност и ниско ниво на ризични пласмани, што е исто така точно, порачува Гошев.

Тој потсетува и дека пред кратко време, двете најугледни светски агенции за кредитен рејтинг – „Стандард и Пурс“ и „Фич“, во основа го задржаа досегашниот кредитен рејтинг на земјата.

– Да здогледаа некакви опасности за девизниот курс на денарот, тоа сигурно немаше да го сторат. Затоа треба да се слуша што вели Народната банка, а не разни шпекуланти, поединци кои се организираат и делуваат како политичко-бизнис мафии и нивните слуги кои за бедни синекури дистрибуираат информации со кои сакаат да предизвикаат паника, оценува Гошев.

Тој упати и порака до политичките лидери итно да го деблокираат политичкиот процес и покрај здравствено-економската да не се создава и продлабочува политичка криза. Гошев им порачува на политичките лидери да не помагаат во стимулирање шпекулации за домашната валута и да не ја присилуваат Народната банка, наместо да ја разлабавува, драстично да ја затегне монетарната политика во одбрана на стабилноста на денарот, бидејќи како што нагласува, од тоа никој нема да има полза.

Професорот Љубе Трпески, кој беше на чело на Народната банка во периодот од мај 1997 година до мај 2004 година, потсетува дека нашата земја од осамостојувањето до денес минувала низ многу турбулентни периоди предизвикани главно од надворешни фактори што предизвикувале потешкотии во економијата, во кои условите на стопанисување создаваат плодно тло за банкарска паника. Во времето кога тој беше гувернер, како што посочува Трпески, со таква појава се соочивме двапати – во 1999 и во 2001 година. Но и во двата наврата, Народната банка успешно се справи со предизвиците.

– Денес, банките се во далеку подобра положба во споредба со 1999 и 2001 година, тие се високо ликвидни институции, а девизните резерви на Народната банка се на такво ниво што со нив се обезбедува не само сигурност на заштедите, туку и стабилност на денарот, изјави Трпески за МИА и посочи дека граѓаните треба да бидат спокојни за сигурноста на нивните денарски заштеди во банките.

Тој напоменува дека во овие тешки моменти предизвикани од пандемијата на ковид-19, кога лекарите и другиот медицински персонал прават натчовечки напори да спасуваат човечки животи, треба сите ние да се однесуваме одговорно како нив.

– Посебна одговорност во вакви ситуации, имаат новинарите, со нивното објективно информирање, нагласи Трпески.

Според него, со пласирањето  шпекулации за состојбите во банкарската и монетарната сфера, несвесно, може да се нанесат огромни штети по економијата и да се отежни работата на монетарната власт.

– Секој во својата професија да го следи примерот на лекарите. Така многу полесно ќе се справиме со ситуацијата во која целиот свет се најде, порача Трпески.

Според  Народната банка, условите за депозитите во денари, во банките се поповолни отколку за депозитите во странска валута. Банките нудат повисоки каматни стапки за денарските депозити, во услови на генерален пад на каматните стапки изминатите години, што е и потврда и за јакнењето на довербата во денарот. Во изминатиот период имаше засилена денаризација, а влијание за тоа имаа и мерките преземени од централната банка за поттикнување пред сѐ на денарското штедење.