Бизнис
26. May 2016 - 14:40

Стабилна политичка клима значи поголем број туристи во Охрид, порача холандскиот амбасадор Пламп

Амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Вилем Воутер Пламп, денеска престојуваше во работна посета на Охрид, при што оствари средба со градоначалникот Никола Бакрачески, како и со претставници на туристичкиот сектор од градот.

Притоа амбасадорот на Холандија од Охрид порача дека интерес на Македонија е што поскоро надминување на политичката криза, оттаму што политичката клима секако влијае врз бројот туристи кои се решаваат да летуваат тука.

- Од денешните разговори со туристичките работници се информирав дека оваа година забележано е одредено намалување на бројот продадени аранжмани за летување тука, но уверен сум дека бројот повторно ќе се зголеми штом политичките лидери во Скопје ќе најдат решение за кризата. Стабилна политичка клима и одржливо решение што ќе биде задоволително за македонските гласачи е во интерес на Македонија, но и за Холандија, рече амбасадорот Пламп.

Инаку, амбасадорот Пламп заедно со Бакрачески положија цвеќе пред споменикот на холандскиот писател, патеписец и новинар А. Ден Долард што се наоѓа на Кејот на Охридското Езеро.

Според амбасадорот Пламп, Ден Долард можеби е најголемиот амбасадор на Македонија во Холандија, дури и во поширокиот дел на Западна Европа оттаму што благодарение на неговиот престој тука запишан во неговите дела денес има толкав број холандски туристи во Охрид.

Градоначалникот Бакрачески во име на граѓаните на Охрид изрази почит и благодарност кон делото на Ден Долард, за се она што тој го има направено за промоција на градот во Холандија и тој дел на Европа.