Македонија
14. February 2021 - 18:47

Средношколците се согласија на компромис – матура со два екстерни и два интерни испити

Сојузот на средношколци соопшти дека го прифати решението за државната матура за кое било разговарано на средбата со премиерот Зоран Заев, пратеничката Моника Зајкова и советникот на премиерот Ѓорѓи Тасев. Овој компромис, како што наведуваат, предвидува полагање на два екстерни и два интерни испити, односно третиот екстерен испит да се организира интерно.

Овој чекор повлекува промени и во начинот на добивање на поените за државната матура, па екстерните испити ќе носат најмногу 20 поени (наместо сегашните 30), интерните најмногу 16 (наместо сегашните 6)
и проектната задача ќе продолжи да носи најмногу 4 поени. Сојузот смета дека ваквиот начин на распределба на поените е поправеден и порамномерен за сите матуранти.

– Дополнително, искрено веруваме дека комромисот што го постигнавме ги задоволува нашите два клучни принципи: квалитетот на образованието и интересот на учениците. Во извештаите на ОЕЦД државната матура е посочена како една од посилните страни на нашиот образовен систем. Сојузот планира овој епитет да го задржи. Исто така, вреди да се напомене дека моделот на 2 екстерни и 2 интерни испити бил веќе применуван во нашата земја од учебната 2007/2008 до учебната 2012/2013 година. Решението го брани интересот на учениците бидејќи им овозможува на амбициозните матуранти да се запишат на странски универзитети, а пак присуството на поголем број на интерни испити го олеснува процесот на подготовка за испитот. Поправедната распределба на поените значи дека и доколку еден ученик се здобие со послаба оценка на еден испит, таа оценка нема да влијае значително на бројот на поени, стои во соопштението.

Од Сојузот на средношколците истакнуваат дека ѝ доставиле на Владата неколку нивни услови за прифаќање на компромисното решение.

Првиот услов е формирање на работна група меѓу Државниот испитен центар и Сојузот на средношколци.
Во оваа група треба да учествуваат средношколци, наставници номирани од Сојузот и претставници на ДИЦ. Со групата би претседавал претставник од канцеларијата на премиерот. Планирано е групата да работи до средината на март, а за задача ќе има да одлучува кои наставни програми ќе бидат скратени за есктерните испити.

Вториот услов предвидува наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити со своите ученици најмалку три недели пред денот на испитот. Под испитни материјали се подразбираат: формат на испитот, конректни содржини и банките на прашања. Овој чекор, велат од Сојузот, ќе им овозможи на матурантите соодветно да се подготват за нивните испити и значително ќе го олесни процесот на
подготовка.

Третиот услов е зголемување на коефициентот за добивање на поените доколку екстерниот испит е несоодветен за студиите на кои се запишува ученикот. Сегашниот модел доделува најмногу пет поени за несоодветен есктерен испит. Средношколците бараат бројот на поени да се зголеми на седум. Со ова, сметаат дека ќе ги заштитата матурантите кои стравуваат дека нивниот соодветен екстерен испит ќе се претвори во интерен, па тие би изгубиле на поени.

– Продолжуваме да се бориме гласот на средношколците да биде слушнат. Властите признаа дека оваа учебна година не е како секоја друга и дека државната матура мора да претрпи измени. Иако постигнавме заедничко решение, нашата борба ќе продолжи сè додека не го имплементираме целосното решение како и нашите услови за прифаќање на истото. Сојузот ќе ја следи ситуацијата со државната матура до крајот на оваа учебна година. Средношколци – постигнавме договор и ги решивме нејасностите. Вашиот глас е алфа и омега за нас – борбата за средношколските права продолжу вапосилна од кога било!, се наведува во сопштението од Сојузот на средношколци.