Македонија
27. August 2021 - 16:52

Средношколците од Тетово и Гостивар 2 недели ќе учат он-лајн

Средните училишта во Тетово и Гостивар ќе останат со празни училници од 1 септември. Таму средношколците ќе учат од далечина поради сериозноста на епидемиолошката состојба периодов. По барање на градоначалничката на Тетово, Комисијата за заразни болести препорача првите две недели од школската година наставата да се одвива онлајн. Во зависност од тоа како ќе се одвива ситуацијата со бројот на новодијагностицирани случаи и состојбата во болниците, надлежните дополнително ќе одлучат како потоа ќе продолжи наставата во Полошкиот регион.

„Една од главните причини да се донесе ваквата одлука е ситуацијата во болниците поради тоа што сепак се преоптеретени и пациени од Тетово и Гостивар се сместуваат во Скопје. Во текот на целото деноноќие итната медицинска помош по потреба и по индикација го организира транспортот. А, средните училишта и бројката на ученици кои што се во средни училишта тука, во Тетово и Гостивар, е прилично висока и може да биде дополнителен ризик фактор, иако мора да потенцирам немаше трансмисија во училиштата за време на минатата учебна година кога 40% беа во училниците, но ние мора да сме внимателни. Значи, сега сепак имаме тука преполни болници и не можеме и не сакаме да преземеме ризик да се случи уште едно дополнително вложување на состојбата и уште еден дополнителен притисок на болничките капацитети”, вели Венко Филипче, министер за транспорт и врски.

Градоначалничката на Тетово вели дека ваквата одлука е добредојдена за да се сведе на минимум ризикот од ширење на вирусот особено ако се има предвид фактот дека средношколците користат организиран транспорт од сите околни општини до Тетово.

“Ние како локален кризен штаб се обративме и до Министерството и до Комисијата за заразни болести, каде што имавме неколку барања. Меѓу другото барањето во однос на започнување на училиштата не со физичко, туку со онлајн присуство следните недели за да може да го поминеме овој тежок период што го имаме пред нас”, вели Теута Арифи, градоначалничка на Тетово.

Градоначлничката на Тетово апелираше до средношколците и нивните родители, да ја искористат можноста и да се вакцинираат, со цел побргу да се достигне колективниот имунитет, а со тоа час поскоро да се стави под контрола состојбата со Ковид-19 и повторно да се овозможи настава со физичко присуство.