Македонија
4. December 2019 - 17:59

Средба на Џафери со романскиот сенатор Јоан-Кристиан Киртеш

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска оствари средба со претседателот на Групата за пријателство со нашата држава во Парламентот на Романија, сенаторот Јоан-Кристиан Киртеш.

Џафери, како што информираат од собраниската прес-служба, посочил дека посетата на сенаторот Киртеш е од особено значење имајќи ги предвид севкупните добри односи меѓу двете земји кои ги карактеризира висок степен на пријателство, со конструктивен и отворен политички дијалог заснован врз партнерски однос и заемно почитување.

Тој се заблагодарил на Романија за големата поддршка што ја даде на нашата земја за време на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година и за време на романското претседавање со Советот на ЕУ, кога лобираше Република Македонија да стане дел од ЕУ.

Во продолжение, Џафери го запознал сенаторот Киртеш со актуелната состојба во Република Македонија во однос на интеграцискиот процес при што нагласил дека и покрај недобивањето датум за преговори, има верба во кредибилитетот на Унијата и капацитетот на Советот да го препознае моментот и да даде зелено светло за отпочнување на преговорите.

На билатерален план, било потенцирано дека Собранието и во иднина ќе ги негува пријателските врски со Парламентот на Романија, особено преку интензивирање на меѓупарламентарната соработка, како и на ниво на пратенички групи за соработка со парламенти на одделни држави. Паралелно, покрај зацврстувањето и интензивирањето на парламентарната соработка, претседателот Џафери истакна дека двете држави треба да вложат поголеми напори на зајакнување на економската соработка, туризмот и трговската размена како значајни сегменти на општественото живеење.

Сенаторот Киртеш, се вели во соопштението, изразил големо задоволство за оваа реализирана средба при што ги пренел уверувањата на највисокото државно романско раководство за натамошна поддршка на европската и евроатланската интеграција на Република Македонија. Тој посочил дека, Романија и понатаму силно ќе бара од земјите членки на ЕУ итна интеграција на Република Македонија во европското семејство каде што и припаѓа. Секако дека за него компромисните договори со соседните земји со кои се стави крај на отворените прашања се огромен прилог за позитивен исход на овој процес.