Македонија
1. October 2016 - 14:06

Средба на Андонов со унгарскиот амбасадор Дукс во Битола

Дополнителниот заменик министер во Министерството за внатрешни работи Оливер Андонов и амбасадорот на Унгарија во  Македонија Ласло Дукс, денеска во Битола имаа средба со новата смена од контингентот унгарски полицајци кои учествуваат во обезбедувањето на јужната државна граница.

Шестиот контингент унгарски полицијаци е со цел да даде поддршка на македонската полиција и заеднички да вршат спречување на илегална миграција и справување со мигрантската криза, истакна Андонов на средба со новинарите во Битола.

- На средбата, освен полицајци од Унгарија учествуваат и македонски полициски службеници од регионалниот полициски центар „Југ“ за гранично обезбедување кои се информираат за состојбите на границата, можните правци за илегално минување на границата и други состојби на границата. Со овие и други активности продолжува успешната соработката со унгарската полиција но и со унгарската држава, и во таа смисла се заблагодарувам за соработката со државите од Централна Европа, посебно полицијата од Унгарија, Словачка, Чешка и Полска во справувањето со мигрантската криза со што се покажува како Македонија активно учествува во безбедноста и одржувањето на стабилноста на Европската унија, посочи Андонов.

Според него, балканскиот коридор на мигранти буквално не е пресечен туку формално и официјално затворен за проток на мигранти, но тоа не значи дека рутата ќе престане да се движи низ балканскиот коридор како географски најповолен за движење.

- Проценката е дека ќе продолжи правецот на движење, односно Македонија ќе остане на удар на движењето на мигрантите, а доказ за тоа е и големиот број на спречени илегални минувања само во последните шест месеци, а само македонско-унгарските мешовити полициски патроли спречиле околу 10.000 мигранти илегално да влезат во Македонија. Имаме голем број на криумчарења на мигранти, а решаваме и други проблеми, потврди Андонов.

Соработката меѓу унгарската и македонската полиција се одвива успешно и на сите нивоа, оцени унгарскиот амбасадор во Република Македонија Ласло Дукс.

- Унгарија има цврст став и мислење а тоа е дека мора да се направат сите напори за западно-балканската мигрантска рута биде под контрола. Нема да дозволиме повторно да се случи тоа што претходно се случи односно над 1 милион мигранти неконтролирано минуваат низ оваа рута. Унгарија ќе ги стави сите ресурси и помош за македонската полиција за да се справиме со оваа ситуација, истакна амбасадорот Дукс.

По завршувањето на заедничката средба, дополнителниот заменик министер во МВР Оливер Андонов ја посети СВР-Битола, а амбасадорот Ласло Дукс се сретна со почесниот унгарски конзул во Битола, Сашо Јанакиевски.