Балкан
3. December 2023 - 13:23

Србија со план за изградба на железничка пруга од Ниш до македонската граница

Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија најави ран јавен увид во врска со изработката на просторниот план на просторот за посебна намена на инфраструктурниот коридор на железничката пруга Брестовац-граница на Република Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

Овој план предвидува реконструкција на железничкиот коридор од Ниш до македонската граница, како и изградба на повеќе од 60 моста, два тунели, како и изградба и реконструкција на згради на станици лоцирани на трасата.

Реконструкцијата и модернизацијата на едношинската пруга, долга околу 132 километри од Брестовац до границата со Северна Македонија, подразбира нова изградба или реконструкција на сите објекти на трасата.

На делницата Брестовац-Грделица, долга околу 34 километри, предвидено е да се изградат седум мостови и да се реконструираат или да се изградат четири станици.

Од Грделица до Сува Морава, на делница долга 33 километри е предвидена изградба на 22 моста, изградба на два нови тунели и реконструкција на еден постоечки тунел, како и реконструкција или изградба на четири станици.

Делницата Сува Морава – граница на Северна Македонија, долга околу 65 километри, според планот треба да има 24 моста, а предвидена е реконструкција или изградба на девет станици.

На сите делници се планирани денивелирани вкрстувања со патната мрежа. Проектираната брзина е до 160 km/h.

Неодамна, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ и министерот за транспорт и врски на Северна Македонија, Благој Бочварски, потпишаа Меморандум за соработка за воспоставување на железничка мрежа со високи перформанси помеѓу ресорните министерства на двете земји.

Меморандумот предвидува имплементација на проектот за изградба на брза пруга од Ниш до Скопје, за што двете земји заеднички ќе бараат средства од Европската унија, објави веб-страницата на српската Влада.

Весиќ претходно најави дека во тек е проектирањето на делницата Ниш-Прешево, долга 135 километри, а Бочварски најави дека ќе се проектираат околу 50 километри од Скопје до границата со Србија.