Македонија
19. December 2020 - 16:43

Спречен шверц на 100 килограми марихуана преку граничниот премин Ново Село

Полицијата пресече меѓународен транспорт на дрога. Запленети се околу 100 килограми марихуана кои преку граничниот премин Ново Село требало од Македонија да бидат пренесени во Република Бугарија. Дрогата ја превезувал бугарски државјанин, а била сместена во специјален бункер од камион со кој тој управувал.

,,На Граничен премин Ново Село, на излез од Република Северна Македонија, од страна на полициските службеници од Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со припадници од Царинската управа, при преглед на товарно возило МАН, со бугарски национални ознаки, управувано од бугарскиот државјанин А.К.К., била пронајдени 102 пакувања наркотичната дрога марихуана, скриени во специјално направен бункер во горниот дел од кабината на возилото, односно околу 100 килограми дрога.,, рече Сузана Прањиќ - Талевска - Началник на одделение за информации од јавен карактер.

Запленетата дрога е предадена во СВР Струмица за понатамошна постапка, а бугарскиот државјанин е приведен во полициска станица. Против него ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнение дека е сторител на кривично дело неовластено пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.