Македонија
22. October 2015 - 15:35

Спортско-креативна работилница во Центарот за лица со интелектуална попреченост во Капиштец

Во Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години „Порака“, во населбата Капиштец, денеска беше отворена реновирана работилница за спортски и креативни активности.

- Градот Скопје се грижи за лицата со посебни потреби и секоја година издвојува финансиски средства за дневните центри за лицата со интелектуална попреченост во Аеродром и во Капиштец. За дневниот центар во Аеродром се издвојуваат 2 милиона денари годишно, а за дневниот центар во Капиштец, кој беше отворен  годинава со финансиска поддршка од Министерството за труд и социјална политика, се издвојуваат 400.000 денари, изјави на отворањето градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

Додаде дека Градот Скопје и понатаму ќе продолжи со финансиската поддршка на овие центри, за, како што рече, да се овозможат подобри услови во нивното работење и функционирање, како и за подобар и попријатен престој на корисниците.

Новата просторија во рамките на дневниот центар во Капиштец е целосно реконструирана и уредена во работилница за креативни и спортски активности. Извршена е реконструкција на подот, поставени се справи за вежбање, нова врата и 4 прозорци. 

Финансиските средства за уредување на оваа работилница во износ од 280.000 денари се обезбедени од Меѓународниот базар организиран од невладината организација „Добредојде“ – Macedоnia welcome centar, како и од финансиската поддршка на Градот Скопје за овој дневен центар која на годишно ниво изнесува 400.000 денари.

На 6 јуни годинава во ГТЦ се одржа петтиот Меѓународен добротворен базар 2015 по повод 1 јуни – Меѓународниот ден за заштита на детето. Манифестацијата беше во организација на „Добредојде“ – Macedоnia welcome centar, а втора година по ред е финансиски поддржана од Град Скопје. Покровител и почесен претседател на годинешниот Меѓународен базар беше амбасадорот на Италија, Масимо Белели. На штандови поставени во ГТЦ повеќе амбасади и странски претставништва продаваа ракотворби и производи карактеристични за нивните држави. Целокупните финансиски средства собрани од Меѓународниот базар беа наменети за доопремување на работилницата за спортски и креативни активности од новоотворениот Дневен центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години „ПОРАКА“, во Капиштец.

Децата за кои е наменет центарот на отворањето на новата просторија излегоа со подготвен перформанс на рецитирање на песни и изведување кореографии, а од организаторите добија и поклони.

На отворањето на работилницата покрај Трајановски присуствуваа и италијанскиот амбасадот Ернесто Масимо Белели и претседателката на невладината организација „Добредојде“ – Macedonia welcome centar, Емилија Миладинова Аврамчева.