Македонија
18. April 2022 - 15:27

СПМ: Начините се менуваат, но целите остануваат исти

Социјалистичката партија на Македонија изразува најенергичен протест и незадоволство од постапките и изјавите на високи бугарски функционери при нивната културно-пропагандна мисија изминативе два дена во Битола и Охрид.

Начините се менуваат, но целите остануваат исти!

Со именувањето на наводниот културен центар во Битола со името на големиот непријател на македонскиот народ, Ванчо Михајлов, актуелната бугарска политика потврдува дека и понатаму стои зад нивните вековни експанзионистички политики кон македонскиот народ.

На сите им е добро позната дејноста на продадениот Македонец кој во бројни акции, во нарачани и директно извршени брутални пресметки уби преку стотина македонски револуционери и интелектуалци, кои својата револуционерна дејност за слободна и независна Македонија ја извршуваа во тогашната бугарска фашистичка држава.

Највисоките бугарски раководители од сегашното и од поранешното бугарско раководство со злоупотребата на гостопримството на македонскиот народ или со сервилното однесување на актуелната македонска власт, потврдија дека нема светли хоризонти во македонско-бугарското пријателство и добрососедство, на кое се повикуваат, со што всушност потврдуваат дека работат на повампирување на бугарскиот експанзионизам во независна и слободна Република Македонија.

Осознавајќи ги вистинските намери на актуелната бугарска политика, македонскиот народ ќе ги повтори вековните македонски пораки срочени во стиховите на добро познатата и прифатена народна песна од времето на Народно Ослободителната Војна.

Социјалистичката партија на Македонија