Македонија
3. April 2022 - 11:28

Спасовски: За три месеци запленети наркотици вредни над 5,5 милиони евра

За само три месеца запленети се над 2,2 тона марихуана со вредност од над 5 милиони евра, околу 1,2 тона психотропни супстанци за производство на амфетамин со вредност од околу 200 милиони евра, 7 килограми хероин со вредност од речиси 300.000 евра…, објави денеска на Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Впрочем, и 2021 година ја заокруживме со добри резултати во контекст на врвниот приоритет на ова раководство на МВР – сузбивање на недозволената трговија со дрога. Притоа, само во овој сегмент спречени се 20 канали за меѓународен транспорт, запленета е наркотична дрога во вкупна проценета вредност од 15 милиони евра, сузбиени десеттина организирани криминални групи, составени од 60 члена, од кои три се поликриминални, односно покрај шверц со дрога, инволвирани се и во недозволена трговија со оружје и во криумчарење на мигранти. Или, откриени се 702 кривични дела, а мерки на кривичен прогон се преземени против 833 сторители, наведува Спасовски.

Тој во објавата посочува дека ова само говори за добрата стратешка поставеност на Министерството која донесе одлични резултати, а државата ја позициониравме како кредибилен фактор во борбата против недозволената трговија со наркотици.