Македонија
1. July 2022 - 10:25

Спасовски од Софија: Оваа посета ќе биде добра порака на соработка, пријателство и партнерство меѓу Северна Македонија и Република Бугарија

Се надевам дека оваа наша посета ќе биде дополнителен импулс кон добрите односи меѓу Северна Македонија и Република Бугарија, импулс кон продлабочување на билатералната соработка и ќе биде добра порака на соработка, пријателство и на партнерство помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

Ова го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Софија, каде што заедно со неговиот бугарски колега Бојко Рашков ќе присуствуваат на заедничка вежба на полициските единици при Одделот за специјални полициски операции на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и специјалните полициски единици на Министерството за внатрешни работи на Република Бугарија.

Како што истакна Спасовски, ова е прва заедничка вежба на специјалните полициски единици на двете земји, која ќе ја покаже подготвеноста во одредени ситуации да имаме заеднички настапи со цел да го сочуваме нашиот мир и стабилност и мирот и стабилноста во нашиот регион и пошироко.

Според министерот Спасовски, има добра основа преку која е создаден и заедничкиот контакт центар за борба против организираниот криминал и корупцијата, размена на податоци и на информации и заеднички придонесуваме да има зголемување на безбедноста на двете земји и нивните граѓани.

Спасовски и Рашков на средбата разговарале и за тоа како да се продолжи и продлабочи соработката, но и за отворањето на новиот граничен премин во Берово – Клепало. Министерот Спасовски најави дека за подготовките во овој процес за неколку дена ќе се одржат заеднички средби на комисиите кои работат на овој проект и изрази надеж дека многу скоро ќе има реализација на овој проект.

– Соработката во областа на министерствата за внатрешни работи е соработка што се одликува со едно сериозно партнерство во изминатиот период и со јасен одговор на сите безбедносни предизвици што стојат пред нас, длаи е тоа миграцијата, организираниот криминал тероризмот, истакна министерот Спасовски и изрази благодарност до неговиот колега Рашков за денешната билатерална средба и за пораката за пријателство и партнерство што ја испраќаат, како што рече, за двете земји и за двата народа.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на формирањето заедничко координативно тело за борба против организираниот криминал, Спасовски потсети дека заедничкиот Контакт центар на Граничниот премин Деве Баир веќе работи и тој е воспоставен уште во 2009 година. Целта е, потенцира, да ги разменуваме навремено, брзо и ефикасно сите информации и податоци што се однесуваат пред се на прекуграничниот организиран криминал, бидејќи една од компонентите за успешно справување со организираиот криминал и корупцијата е да имате брза и навремена размена на податоци и информации.

– Тоа е нешто што не одликува како држави кои сме определени за борбата против криминалот и корупцијата. Секако постојат механизми кои можат да ја продлабочат оваа соработка бидјеќи е многу важно да имаме ефикасна борба против организираниот криминал и да има механизми со кои ќе се менува перцепцијата за целиот овој регион, изјави Спасовски во Софија.

Претходно, министерот Рашков му искажа добредојде на Спасовски во Министерството за внатрешни работи на Бугарија, јави дописникот на МИА од Софија.

Рашков рече дека посетата на Спасовски на Бугарија е навремена, со оглед на претстојното започнување на евроинтегративните процеси на Северна Македонија.