Спасовски: МВР е подготвено да одговори на предизвиците околу безбедноста на изборниот процес
Изборите секогаш претставуваат демократски испит за зрелоста на една држава. Така ќе биде и со седмите по ред Локални избори 2021, на чиј праг сме. Наша заедничка задача e не само успешно да го положиме тој испит, туку и да ја поставиме нашата држава на едно ново, повисоко квалитативно ниво, што впрочем се очекува да претставува основна цел на сите политички субјекти, порачува во обраќање министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки.
Тој потенцира дека мирните и демократски избори ја обезбедуваат иднината на нашата држава и повикува во празничен изборен дух да ги избереме идните преставници на локалната власт, како што доликува на земја која е членка на НАТО и е на пат за членство во Европската унија.
– Моето длабоко уверување е дека на 17 октомври нашата татковина ќе го положи својот демократски испит на зрелоста. Политичката свест кај граѓаните на Република Македонија за одговорноста која ја имаат пред иднината на својата држава е на едно високо ниво. Интегритетот на изборниот процес зависи од целосното почитување на основните демократски принципи, според кои граѓаните можат слободно да ја изразат својата волја преку гласачките кутии, во мирна атмосфера, без каква било форма на притисок, а притоа почитувајќи ги и мерките за заштита од Ковид-19, истакнува во обраќањето Спасовски.
Министерот потенцира дека Министерството за внатрешни работи има една од клучните улоги во спроведувањето на изборните процеси и ги презема сите надлежности што се предвидени со Изборниот законик – од доставување на податоците потребни за ажурирање на Избирачкиот список, преку обезбедување услови за мирна, целосно безбедна, фер и демократска атмосфера, како во текот на целиот изборен процес, така и на самиот ден на изборите, па сѐ до обезбедување, преземање и враќање на изборниот материјал во ДИК.
Спасовски истакнува дека МВР е максимално подготвено да одговори на предизвиците околу безбедноста на изборниот процес.
Министерот за внатрешни работи апелира пред се до носителите на изборните активности, кандидатите за градоначалници и политичките субјекти, што ги поддржуваат тие кандидати, да ги остават граѓаните самостојно да си ја донесат одлуката.
– Борбата на идеи е втемелена во нивните изборни програми, кои имаа можност да ги претстават за време на предизборната кампања. Сега е редот на граѓаните да го направат изборот според сопствените убедувања, вели Спасовски.
Пред почетокот на предизборниот молк, Спасовски испрати порака и до граѓаните, да бидат партнери на македонската полиција, затоа што, потенцира, безбедноста е наша заедничка цел.
– Партнерскиот однос значи и размена на информации, навремено пријавување во МВР на евентуални незаконски активности во врска со изборниот процес, нарушувања на вашето избирачко право или било каква злоупотреба на тоа уставно загарантирано право. Ние сме тука соодветно да одговориме, полицијата е подготвена да биде гарант за заштита на законитоста, редот и безбедноста, вели во апелот министерот Спасовски.
На крајот на овој изборен процес, стои во обраќањето од Спасовски, да констатираме дека сме имале беспрекорен изборен ден, дека заеднички сме придонеле за фер и демократски избори, кои ќе го подигнат уште едно скалило погоре меѓународниот углед на земјата.
– Нека биде ова заедничка победа на демократијата и евроатлантските вредности!, повика министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Ново на Сител
-
Времено затворен граничниот премин Блаце, пожарот се движи кон с. Бразда
-
Ќе пропадне ли интерпелацијата на ДУИ за претседателот на Уставен?
-
Тема на денот со Орце Ѓорѓиевски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје
-
Времено затворен граничниот премин Блаце, пожарот се движи кон с. Бразда
-
Прва жртва на пожарите
-
400 невработени ќе може да се пријават за гаснење пожари, плата 24.000 денари
-
Скок на инфлацијата во јуни, премиерот наскоро најавува мерки
-
Олеснување на постапка за работни дозволи и престој на странци, како и пониски царини бараат странските компании од владата