Македонија
13. April 2020 - 13:47

Спасовски му заблагодари на чешкиот амбасадор Томан за донираните милион хируршки маски

Премиерот Оливер Спасовски денеска имаше средба со амбасадорот на Чешката Република во нашата земја, Мирослав Томан, на која лично и во име на Владата и граѓаните му се заблагодари за донацијата од еден милион хируршки маски од Чешка, која во земјава пристигна  во петокот.

Спасовски нагласи дека донацијата ги одразува одличните пријателски односи меѓу двете држави и дека оваа конкретна голема помош од Чешка реализирана брзо и навремено е исклучителен гест на пријателство и соработка и потврда дека односите меѓу Република Северна Македонија и Чешката Република се на највисоко ниво.

-Во вакви околности со какви што е соочен светот, секоја помош е добредојдена. Чешката Република, како за време на мигрантската криза, кога пружи меѓу најголемите поддршки на нашата држава и сега ги покажува пријателството и солидарноста на дело. Посебно ја почитуваме поддршката што доаѓа и од ЕУ и од НАТО земјите членки. Само заедно можеме да ја надминеме пандемијата со којашто се справува светот, истакна Спасовски.

Како што соопшти владината-прес служба, на состанокот се пренесени поздрави од чешкиот премиер Андреј Бабиш и од министерот за надворешни работи на Чешка, Томаш Петричек, кои се заложиле донацијата кон нашата земја да биде испорачана во најкус можен рок, на што премиерот Спасовски упати возвратни поздрави и благодарност.

– На состанокот се споделени искуства за пренамена на производства на компании, во двете држави, со цел обезбедување на потребната опрема за здравствените работници, полицијата, пожарникарите, службите за интервенција во државите, како и други искуства во справувањето со здравствено-економската криза, наведува владината прес-служба.

На средбата заеднички е констатирано дека е од голема важност почитувањето на потребните мерки и донесените владини одлуки од страна на граѓаните, чие одговорно однесување е значајно во надминувањето на кризата.