Македонија
21. February 2020 - 17:59

Спасовски и Чулев во обид за решавање на кризата

Техничкиот премиер понуди можна опција за решавање на пасошката криза. Вели дека еден од предлозите е германската компанија да ги достави обрасците за издавање на патни исправи што е можно побрзо.

„Во разговор со фирмата којашто е добавувач тоа да го направи што е можно побрзо и на начин којшто ќе може да допринесе целата оваа работа да се преброди во целиот овој период. Тоа мора да биде заедно проследено, со менаџирање на состојбите внатре за да може тоа да биде правилно распоредено“, рече Спасовски.

Во однос на предлогот на техничкиот министер за пролонгирање на важноста на пасошите со апостилски печат и испраќање нота до сите држави во светот, Спасовски вели дека проблем е Законот за патни исправи. Појаснува дека тој утврдува колку е важноста на патната исправа и одлука на Влада не може да го промени законскиот текст.

Техничкиот министер пак го поздравува фактот дека Владата конечно почнала да размислува оти таа е институцијата која треба да изнајде решение за недостатокот на патни исправи.

- Прво паради тоа што тоа решение ќе биде во полза на граѓаните, а второ паради тоа што хаосот предизвикан од недостаток на обрасци за патни исправи е креиран токму од Оливер Спасовски. Дополнително, во однос на предлозите дадени од Спасовски, ја информирам јавноста дека во изминатиот период остварив комуникација со компанијата „Веридос“. Дополнителен факт дека МВР презема мерки за менаџирање на состојбата е Комисијата која беше формирана, а која има задача да ги разгледа барањата на граѓаните кои имаат итна потреба од издавање на патни исправи, рече Чулев за Сител.

Сегашниот и поранешниот министер во изминатиот период еден на друг си ја префрлаа вината за недостатокот на пасоши.

Вчера со работа почна 9-члената комисија која треба да одлучува кои граѓани ќе ги добијат преостанатите околу 3.000 пасоши. Приоритет ќе имаат луѓето кои треба да се лекуваат во странство и оние кои треба да учествуваат на меѓународни натпревари. Граѓаните до подрачните единици на Секторот за управни работи треба да достават барање поткрепено со документи за да ја образложат итноста за вадење пасош.