Македонија
26. March 2023 - 11:03

Спасовски: Група испраќала лажни дојави за бомби и ќе добијат кривични пријави за тероризам

Група македонски државјани набргу ќе добијат кривични пријави за тероризам и ќе одговараат за лажните дојави за бомби во училиштата и други објекти, изјави  министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Веќе поднесовме една кривична пријава против еден малолетник и практично навлегуваме во една група на лица коишто учествувале во праќањето на дојавите по електронски пат и токму користењето на VPN адреси итн. и сме во позиција за која за многу скоро време целата таа група ќе биде комплетно разоткриена, ќе бидат поднесени кривични пријави за делото тероризам. И ова како појава нас ни овозможи практично да направиме и промени во делот на протоколите за постапувањето, вели Спасовски во интервјуто.

Објаснува дека било потребно добра подготовка и повеќе време и интензивно се работело не само кон подготовка на процедурата, туку и во делот на истрагите.

-Ние само ја детектиравме таа криминална група која се занимаваше со ваквите дојави, за голем дел од дојавите за поголем временски период и за повеќе институции во коишто беа дојавите. Секако дека постои и другата тенденција, а тоа е геостратешките интереси коишто се испреплетуваат во државата, вели Спасовски

На прашањето дали групата што ја спомнува се македонски државјани, тој одговора потврдно.

- Да, како што реков, поднесовме кривична против едно лице малолетник, но се работи и на една друга група коишто меѓусебно се поврзани во однос на дојавите, додаде Спасовски.  

Министрот соопшти дека се водат и истраги за сите  институции во коишто имаше хибридни и сајбер напади и, како што вели, „има сериозен напредок, се добиваат податоци и информации“.

-Самиот факт дека треба овие податоци да ги обезбедиме преку меѓународна правна помош, говори и за тоа дека треба да има подолго време од овој аспект, додава Спасовски во интервјуто за Радио Слободна Европа.