Македонија
26. December 2019 - 12:03

Советот на Општина Битола утврди Програма за социјална заштита во 2020 година

Советот на Општина Битола донесе одлука и усвои Програма за социјална заштита која ќе се реализира во 2020 година, а се темели на пет посебни активности од областа на социјалната заштита.

Првата активност „Доделување еднократна парична помош“ ќе ја користат  физички лица во социјален ризик, погодени од елементарни непогоди и други лица што имаат потреба од социјална помош, втората активност „Социјална заштита на стари лица“ вклучува нега и грижа на стари и изнемоштени лица без семејна грижа во домашни услови, додека третата активност „Ран детски развој“ е фокусирана на деца Роми од три до пет години и подигнување на свеста кај родителите за важноста на предучилишното ниво на образование, но и основно, средно и високо образование за Роми.

Според одлуката на битолските советници, во 2020 година ќе се мобилизира работата на Регионалниот ресурсен центар за слепи лица и ќе се иницира подобрување на инфраструктурата во институциите со кои контактираат лица со попреченост и изградба на пристапни рампи.

Во програмата за социјална заштита посебно важен е делот насочен кон „Намалување на сиромаштијата и социјална исклученост“ и тоа ќе биде реализирано со отварање на современи урбани центри во повеќето урбани заедници заедници во градот.

За реализација на програмата Советот на Општина Битола обезбеди 5,3 милиони денари.