Македонија
24. October 2017 - 15:38

Советот на јавни обвинители во законскиот рок ќе достави мислење до Владата за кандидатите за јавен обвинител

- Советот на јавните обвинители на Република Македонија согласно своите надлежности во законски предвидениот рок ќе достави мислење до Владата за сите кандидати за државен јавен обвинител кои ги исполнуваат условите, соопштија денеска од Советот.

- Советот на јавните обвинители на Република Македонија во текот на денешниот ден го прими барањето за давање мислење од Владата на Република Македонија со комлетната документација и апликациите на кандидатите пријавени на Оглас за именување на јавен обвинител на Република Македонија, објавен на 14.09.2017 година во Службен весник на РМ, посочуваат од Советот на јавните обвинители.

Собранието на РМ го разреши државниот јавен обвинител Марко Зврлевски на 17 август годинава. Предлогот за разрешување на Зврлевски до Парламентот го достави Владата на РМ со образолежние дека тој незаконито, ненавремено и недоволно стручно ја вршел функцијата.

Советот на јавните обвинители на Република Македонија на седницата одржана на 28 август годинава донесе одлука вршител на функцијата државен јавен обвинител да биде јавниот обвинител Лилјана Спасовска.