Свет
26. March 2020 - 10:32

Состојба со Ковид-19 во светот до 10 часот

Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 475.052 луѓе заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 21.357, а оздравеле 114.787 лица.

– Бројот на новозаразени со коронавирус во Италија се намалува четврти ден по ред, што укажува на стабилизирање на амплитудата на епидемијата.

– Вкупниот број на заразени лица со коронавирус во БиХ се зголеми на 185, соопштија ентитетските и жупаниските министерства за здравство во земјата.

– Нови 14 лица се заразени со Ковид-19 во Црна Гора, со што вкупниот број достигна 67, соопшти Институтот за јавно здравство.

– Финската Влада најави целосна изолација на Хелсинки и околината од остатокот на земјата. Мнозинството од вкупно 880 заразени лица во Финска се од тој регион.

– Москва од утре до 5 април ги затвора сите објекти, освен продавниците за храна и аптеките, изјави градоначалникот Сергеј Собјањин.

– Во Јужна Кореја се регистрирани нови 104 случаи на заразени со коронавирус, со што вкупниот број изнесува 9.241.

– Бројот на починати во САД заклучно со вчерашниот ден достигна 1.033, а заразата е потврдена кај 68.572 лица. Во американската сојузна држава Њујорк има најмногу починати и заразени од Ковид-19.

– Британката Клои Мидлтон, која почина на 22-годишна возраст, е најмладата жртва на новиот коронавирус во Велика Британија. Пред да се зарази со Ковид-19 таа немала никакви здравствени проблеми.

– Во Србија има 81 новозаразено лице и сега се вкупно 384. Четири лица се починати од коронавирусот.

– Поранешниот британски премиер Гордон Браун предложи создавање на времена светска влада во борбата против коронавирусот. Тој смета дека во таа влада треба да бидат претседателите на сите водечки земји, но и лекари и членовите на Советот за безбедност на ОН.

– Во Унгарија од коронавирусот почина 37-годишен британски дипломат, потврди британското Министерство за надворешни работи.

– Во Кина не се забележани нови локални случаи на заразени лица со коронавирусот, но е зголемен бројот на „увезени“ од странство.