Бизнис
28. May 2020 - 19:46

Сопствениците на игротеките бараат отворање на објектите

Игротеките бараат што поскоро да им се дозволи да ги отворат вратите и да почнат со работа. Велат дека тоа што повеќе од два и пол месеци воопшто не работат ја доведува во прашање нивната егзистенција. Бараат и дополнителна финансиска помош од државата за да ги покријат јунските плати за вработените.

“За задржување на работните места и дејноста да може да опстои потребно е мерката за финансиска помош во висина од 14.500 денари да важи и за месец јуни или да се разгледа можноста за еднократна финансиска помош за наредниот месец”, вели Трајко Николовски, претседател на Групацијата на забавни и рекреативни дејности при Сојузот на стопански комори.

Според нивните податоци, само половина од игротеките во земјава користат некаква помош од економските пакети за справување со последиците од пандемијата.

“Во Групацијата на забавни и рекреативни дејности игротеки членуваат пред сè микро и мали компании, кои со донесената уредба од Владата за оревенција од Ковид-19 трет месец не ја вршат својата дејност, работата им е намалена 100% и не остваруваат никаков промет. Киријата е проблем, платите се проблем, придонесите се проблем, сметките за струја и комуналии се проблем”, истакнува Николовски.

Од комората сметаат дека со скринингот треба да се опфатени и игротеките, бидејќи нивната дејност е на исто рамниште со градинките, но тоа да е на сметка на државата затоа што немаат пари за дополнителни трошоци.