Македонија
12. March 2016 - 18:44

Сообраќајот по влажни коловози, магла кај Плетвар и Крушево

Магла со видливост до 100 метри има на Плетвар и Крушево. Слаб снег провејува на Маврово, Попова Шапка и Стража кој не се задржува на коловозот, информира Автомото сојузот на Македонија  во извештајот за состојбата на патиштата во 18 часот вечерва.

АМСМ соопштува дека се уште е во прекин сообраќајот на патот Битола-Ресен, што од утрово е блокиран  поради свлечиште. Како алтернатива сообраќајот е пренасочен преку градот Битола.

Расчистени се свлечиштата на патниот правец Кочани – Делчево, но поради врнежите од дожд и можноста за повторно активирање патот останува за затворен. Сообраќајот е пренасочен преку Виница-Смојмирово-Делчево.

Од вчера попладне во прекин е и општинскиот пат село Долни Полог- село Облешево пред Кочанска река поради прекопан коловоз.  Направен канал за одводнување на надојдена атмосферска вода од врнежите од дожд.

Од завчера поради одрони на пат на виничка крстосница помеѓу селата Истибања  и Калиманци блокиран е сообраќајот во двата правца и се пренасочува преку Виница.

На регионалниот пат Берово – Виница кај местото викано Обозна поради одрон на камења сообраќајот  од вчера се одвива наизменично по една коловозна лента.

На патниот правец Куманово – Крива Паланка кај село Страцин има свлечиште со кал и земја, со што е зафатена една лента од патот. Се препорачува внимателно возење и следење на поставената сообраќајна сигнализација. Екипите на ЈП Македонија пат интензивно работат на расчистување на свлечиштето и нормализирање на двете ленти за непречено одвивање на сообраќајот.

Според АМСМ, сообраќајот на сите останати државни патишта во Македонија се одвива без забрани, по влажни коловози. 

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Гостивар – крак Маврово - Стража, Демир Капија – Удово, Виница – Берово, Кочани-Делчево и Ресен - Буково каде е можна почеста појава на одрони.