Македонија
29. October 2022 - 13:19

Сојуз на земјоделски здруженија: Постигнат договор со четири компании за повисоки цени на тутунот

 Во просек за 20-тина отсто се зголемуваат откупните цени на тутунот во пресрет на откупната кампања на годинашнава реколта. Според Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија постигнат е договор со четири откупни компании, а другите, уверени се од Сојузот, ќе го следат примерот.

Менде Стомнароски, претседател на Сојузот вели дека тоа и квалитетниот род ќе ги ублажат трошоците во производството.

-Постигнат е договорот со четири откупни компании за повисоки цени по класи. Сега првата класа е 300 денари (од 280), втората од 200 се зголеми на 240, третата од 150 на 180 денари, а четвртата класа од 80 сега е 100 денари за килограм. Многу ни е важно зголемувањето на втората и третата класа за 20 насто зашто најмногу од родот е во тие класи. Очекувам другите компании да го следат примерот на овие четири, а може и да изненадат и со повисоки цени. Тоа ќе ги ублажи трошоците во производството. Ние не застануваме тука, туку ќе ги следиме промените на цените на другите производи со инфлацијата и економската криза за да дејствуваме, изјави Стомнароски.

Годинашниов род е договорен на 26 000 тони, но очекувањата се дека ќе биде околу 19 000 тони.

– Родот е одличен, квалитетен, што е добро за постигнување пореални цени при откупот, смета Стомнароски.

Горан Бозароски, тутунопроизводител од Прилепско има два тона тутун и очекува добро да помине при претстојниот откуп. Признава дека недостига работна рака, а единствено ќе помогне поддршката од државата за земјоделецот.

– Најтешко е при бербата, младите не се мотивирани да работат напорно, зашто тутунопроизводството е долготраен и тежок процес. Но тутунот е стратешка култура и очекувам да ја има поддршката. Ги поддржувам земјоделците, а политичарите треба да знаат дека државата може да се развива само со унапредено земјоделство и земјоделци на кои им се исплаќа вложениот труд, вели Бозароски.

Откупната кампања може да почне од 15 ноември, но крајниот законски рок за откупувачите да ги отворат пунктовите е 15 декември. Со тутунопроизводство во земјава, велат од Сојузот, се занимаваат околу 20 000 семејства. Најавени се 10 откупни компании да го преземаат годинашниов род на тутунот.