Македонија
12. July 2022 - 16:55

Софија испрати нота за анти - бугарските пароли, се уште се крие протоколот кој треба да го потпишат двете земји

Бугарското МНР преку нота реагира на антибугарските протести и пароли.

Загрижени за распространетиот антиевропски наратив, од бугарското МНР изразуваат надеж дека двете земји сепак ќе успеат да отворат нова страница, темелена на искрено пријателство.

Особено загрижувачки е што овие пароли против Бугарите ескалираат во време кога Софија и Скопје активно бараат начин за конструктивен дијалог и изнаоѓање трајни заеднички прифатливи решенија во интерес на европската интеграција на Република Северна Македонија и регион, се посочува во нотата.

Двете држави изминатите 10тина дена само потврдуваат дека во тек се интензивни разговори кои треба да резултираат со потпишување на договор. Во недостаток на  детали во јавноста кружат повеќе верзии на тоа што треба да се потпише.

МНР вчера го  дематираше последниот од низата протоколи кои се договараат со Софија на кој стои датум од 3 јуни. Документот објавен само на бугарски јазик кој предвидува 17 задачи за Македонија, наспроти 2 за Бугарија, од МНР посочија дека е стара и неконечна верзија од сет идеи кои се разгледувале изминатиот период.

Според овој документ, Македонија превзема обврска на Бугарија да и достави копии од сите учебници и материјали, а до следната учебна година да се промени содржината на учебникот по географија за 7мо одделение, но и сите останати учебници во кои Бугарија смета дека има неосновани етнични или територијални претензии.

Документот предвидува и експресни мерки и гонење на секој говор во македонискиот етер кој Бугарија ќе го  смета за говор на омраза.

Внасување на Бугарите во македонскиот устав, промена на натписи на самоиловата тврдина, натписи на споменици и музеи се останатите обврски за земјава. За Бугарија е предвидена обврска да сподели искуства и да ги стави на располагање своите архиви.