Македонија
17. March 2023 - 11:25

Софија: Бришењето на бугарските клубови од ЦР е во спротивност со обврската за еднакви права и слободи за сите граѓани во Северна Македонија

Бугарското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека „со зголемена загриженост ги следи случувањата во Северна Македонија поврзани со обидите за ограничување на правото на здружување на Бугарите во земјата“.

- На 16 март годинава Комисијата за употреба на имиња на личности во Северна Македонија даде негативно мислење за употребата на името на Иван Михајлов од страна на здружението Центар за култура „Иван Михајлов“ - Битола. Врз основа на ова решение, министерот за правда Кренар Лога потпишал решение со кое барањето за добивање одобрение за употреба на името Иван Михајлов е одбиено, со причините наведени во мислењето на Комисијата. Истовремено, Централниот регистар во Северна Македонија соопшти дека донел решение со кое е одбиено барањето за употреба на името на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид, се наведува во соопштението на бугарското МНР.

Бугарското Министерство оценува дека ваквите одлуки „се во спротивност со заложбите на Скопје во областа на човековите права и обврската да обезбеди еднакви права и слободи за сите граѓани, вклучително и за оние кои се декларираат како Бугари“.

- Потсетуваме дека во 2009 година Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против Северна Македонија за повреда на член 11 од Европската конвенција за човекови права (право на здружување). Во одлуката на Судот се наведува дека името на здружението „Радко“ (псевдоним на Иван Михајлов), само по себе не може да се смета како ризик и закана за јавниот ред, се додава во соопштението.

Министерството наведува и дека „според јавно достапните информации“, Централниот регистар до Министерството за правда доставил барање за мислење за имињата на околу 17.000 невладини организации во земјава, но во законскиот рок, негативни решенија за користење на имињата добиле само Културниот клуб „Иван Михајлов“ од Битола и „Цар Борис Трети“ од Охрид.

- Овој факт покажува дека набрзина донесените и без јавна дискусија измени во Законот за здруженија и фондации, со можност за ретроактивна примена, се направени со една единствена цел, а тоа е бришење од Централниот регистар на две организации на Бугарите на Северна Македонија, оценува бугарското МНР.

Според Министерството, овие настани „уште еднаш ја покажуваат потребата да се постигне објективно толкување на историските настани и личности од заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија“, за чија беше формирана и Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

- Денес сме сведоци како едностраните и пристрасни толкувања на историските настани можат да се користат како аргумент врз основа на кој властите носат одлуки за ограничување на основните права и слободи. Според Записникот од состанокот на Мешовитата меѓувладина комисија потпишан на 17 јули 2022 година, формиран врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, Северна Македонија се обврза да преземе мерки за да обезбеди ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на бугарската заедница во земјата. Бугарија ќе го следи спроведувањето на преземените обврски, се додава во соопштението.

Министерот за правда Кренар Лога вчера потпиша решението со кое се одбива употребата на името Иван Михајлов за истоименото здружение од Битола. Одлуката на министерот уследи откако претходно вчера Комисијата за употреба на имиња на личности, даде негативно мислење за употребата на името Иван Михајлов. 

- Министерот Лога го потпиша решението имајќи го предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности која денеска одржа седница и во образложението за негативното мислење наведе дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ со оглед на неговото јавно и постојано негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура. Величењето и славењето на неговиот лик и дело предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество, соопшти вчера Министерството за правда.

Согласно член 9-а од Законот за здруженија и фондации, за употреба на име, презиме, псевдоним, прекар, кратенка или иницијали на личност согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на личности.

Претходно, Централниот регистар соопшти дека поради недоставување на бараните документи во законски предвидениот рок, се одбива барањето за усогласување на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид, кој поднесе нецелосни документи за пререгистрација. 

- Централниот регистар во текот на денешниот ден донесе Решение со кое барањето за усогласување од страна на  Здружението „Цар Борис Трети од Охрид“ го одби, од причина што од страна на  Здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид до Централниот регистар во законски предвидениот рок од 30 дена не се доставени бараните документи дадени во известувањето во согласност со Законот за здруженија и фондации, соопшти попладнево Централниот регистар.

Согласно измените на Законот за здруженија и фондации, се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.