Македонија
4. January 2019 - 8:29

Социјалната сфера во 2018 година

Кампања „На секое дете му треба семејство“ за подигање на  свеста во јавноста дека само со сместување на деца во средина блиска на семејната може да им се обезбедат нормални услови за нивен правилен развој, законски решенија за реформа на социјалниот систем, но и интензивирање на процесот на деинституционализација на деца и возрасни сместени во институции беа некои од прашањата во социјалната сфера на кои власта работеше изминатата година.

Целта на кампањата беше да се допре и да се мобилизираат граѓаните кои имаат искрена желба и мотивација да  згрижат деца кои од најразлични причини  останале без родители или соодветна  родителска грижа.

Во текот на кампањата беа посетени 30 градови и беа одржани трибини, беа користени видео спотови, флаери со цел граѓаните да се запознаат со оваа форма на згрижување на деца. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека одзивот за згрижување на деца е многу голем, со актуелизирањето на кампањата.

-Многу се радуваме што со оваа кампања успеавме да го преобразиме профилот на згрижувачите семејства. Ако претходно тоа го правеа социјална категорија на лица кои земаа дете на чување само заради парите, сега имаме семејства кои се добро ситуирани, но и се лица од јавниот живот. Овие лица тоа го прават од љубов, бидејќи чувствуваат потреба да згрижат дете кое ќе се чувствува како да е со своето семејство, велат од Министерството.

За потребите на оваа кампања функционира и бесплатната телефонска линија 15133 на која во текот на кампањата се јавиле 295 граѓани, а 37  ја поминале потребната процедура и обука и во нивните семејства се згрижени  деца.  Во Македонија има 199 згрижувачки семејства во кои се сместени 363 деца.

Животот во големите институции никогаш не може да ги замени љубовта и поддршката која децата ја добиваат во семејната средина. Од тие причини во изминатиот период МТСП интензивно го спроведува процесот на деинституционализација. За успешно спроведување на овој процес неопходно е постоење на алтернативни форми за згрижување на децата од кои како најдобра форма која е најблиска на семејната средина е сместувањето на децата во згрижувачки семејства.

За децата во Домот во Битола, каде се згрижуваат деца без родители и родителска грижа од 0 до три години, главна опција е сместување во згрижувачко семејство. Новиот Закон за социјалната заштита предвидува воспоставување специјализирани згрижувачки семејства за новороденчиња и бебиња, кои ќе бидат посебно обучени да обезбедат соодветна грижа, интеракција и љубов за нив. Од друга страна, ќе се зајакне поддршката за бремените кои се во ризик да го остават своето дете по раѓањето и нивните семејства. Домот во Битола ќе овозможи престој на бремените жени еден месец пред породувањето и најмногу осум месеци по породувањето, во кој период социјалните служби ќе можат да се посветат на поддршка на мајката и семејството за да го задржат своето дете.

Од Министерството за труд и социјална политика во 2019 година се планира да се промени системот за посвојување во насока на воспоставување поефикасна, побрза и постапка заснована на најдобриот интерес на детето, согласно меѓународните конвенции и стандарди. Тоа ќе овозможи децата да растат во семејна средина.

Од Министерството се уверени дека дека до крајот на 2020 година нема да има деца под три години сместени во институциите, и потенцираат дека напорите им се насочени, кон тоа да нема деца под 18 години во институциите.

Покрај деинституционализацијата на децата, но и на возрасните, интензивирањето на згрижување деца во семејства, од Министерството за труд и социјална политика најавија и законски решенија согласно кои треба да се направат реформи во областа на социјалната политика, со цел да се намали стапката на сиромаштија, но и да се активираат корисниците преку доквалификација или преквалификација и активација на пазарот на труд.

-Планот на Министерството за труд и социјална политика беше реформата да стартува на почетокот на годината. Но поради обемноста, засегнатите страни и процедура на носењето на целосно новиот закон истата ќе почне да се применува со мало задоцнување. Во Македонија за првпат е подготвена сеопфатна реформа која целосно ќе ги промени и подобри системите на социјалната и детската заштита. Оваа реформа практично не е само реформа на социјалната заштита, туку целосен концепт за заштита на граѓаните и развој на пазарот на трудот, велат од Министерството за труд и социјална политика.

На долг рок, се очекува оваа реформа да има многу позитивни ефекти врз економијата, да ја искорени сиромаштијата и да ги намали огромните социјални разлики.

-Со социјалната реформа од една страна ќе се извлечат над линијата на сиромаштија најранливите категории на граѓани, а од друга страна преку блиска работа примателите на помошта ќе се мотивираат и преквалификуваат за да може да се вработат. Ова значи дека дирекно ќе се влијае на зголемување на бројот на вработливи граѓани, нешто што е голем проблем во Македонија. Целта на реформата не е само да се обезбедат достоинствни услови за живот на најранливите туку и да ги преквалификуваме за да можат да најдат работа. Практично, ќе обезбедиме нови кадри на пазарот, а со тоа ќе придонесе и до поголема продуктивност на компаниите. Истовремено со детскот и образовниот додаток државата ќе ги мотивира најранливите да ги пуштаат дцата во градинка и во училиште со што вложуваме во развој на човечки капитал, од што според анализите на Светска банка Македонија во моментот има сериозен недостиг, посочуваат од МТСП.

Секое домаќинство што ги исполнува условите ќе добие помош која ќе се пресметува согласно ризикот во кој се наоѓа. Во пракса ова ќе значи дека со реформата петчлено семејство во кое две деца се во основно, а едно во средно образование ќе добие 11.300 денари. Типично четиричлено семејство со две деца едното во основно, а другото во средно образование пак ќе добива 10.600 денари гарантиран минимален приход, (во оваа сума влегуваат 6.800 денари ГМП, 500 денари енергетски додаток, 1.600 денари детски додаток и 1.700 денари образовен додаток).

Истото семејство сега поради штетен закон зема за 50 отсто намалена помош и таа изнесува 3.029 денари. Оваа сума ја земаат дури 70 отсто од корисниците. Разликата што ќе ја добијат со реформата е над 7.000 денари, или зголемување од 300 отсто. Се зголемува и достапноста на детскиот и образовниот додаток. Деца кои ќе примаат детски додаток од 3.200 се зголемува на 73.500, а на образовниот од 3.800 на 64.316. Финансиските импликации врз Буџетот за оваа реформа за 2019 година се 2,2 милијарди денари дополнителни средства.

Од МТСП најавија реформи преку зголемување на придонесите за 0,5 отсто за стабилизирање на Фондот и намалување на дупката од 310 на 275 милиони евра годишно. од МТСП потенцораа дека реформите во пензискиот систем треба да овозможат праведна и стабилна исплата на пензиите и негова одржливост за 50 години од денеска. Најавија дека со предложената реформа нема да има зголемување на старосната граница и нема да има замрзнување на пензиите.

Славица Стефановска/МИА