Македонија
26. January 2016 - 22:11

Собраниска расправа за предлог измените на Законот за јавна администрација

Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 85. седница ја започна расправата по Предлог законот за дополнување на Законот за административни службеници, предложен од опозицијата.

Пратеникот од СДСМ Бетиан Китев образложувајќи го предлог законот рече дека постојниот закон кој е менуван 20 пати, содржи голем број дефекти и недостатоци. Со нивниот предлог, рече, се бара одложување на примената на делови на законот во однос на оценувањето да биде одложена до 1, јануари 2017 година, за да не се врши приток за изборите. Според него, постојниот систем на казнување е дестимулативен и не придонесува за ефикасна и транспарентна администрација.

- Со донесување на овој предлог закон ќе се спречи спроведување на казните кои се резултат на нелогичното оценување. Поточно бараме одлагање на примена на членовите 64, 65, 66, 67 и 68 од Законот за административни службеници тоа да важи до 1.1. 2017 година. На ваков начин се создава можност за  пристапување и изработка на нов модел кој ќе биде консензуално прифатен со една цел да се пристапи кон барањата на ЕК и на итните реформски приоритети, рече Китев.

Пратениците од владеачкото мнозинство изразија чудење за овој предлог закон бидејќи последното законско решение за јавната администрација со кое се одложи примената од ефектите на оценувањето за оваа година, го поддржала и опозицијата, и го оценија како популистички потег.

Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека предложениот закон со само три члена е несериозен и несуштински и нема да реши ништо. При тоа се осврна на системот на оценување во постојниот закон, кој рече, е воведен по примерот на британската администрација.  

 - Тоа е законско решение кое е изработено со поддршка на ЕК и на СИГМА и истото е едно од ретките кое беше позитивно оценето во последниот извештај на ЕК. Она на што треба сите да работиме е во насока на доследно имплементирање на овој закон. Ние и вие гласавме минатата недела за одложување на мерките на оценување за оваа година. Но, по изготвените извештаи на крајот на јануари МИОА ќе пристапи кон посериозни анализи за доработка на закониот и негова имплементација, а не на ваков начин, рече Манаскова.

Расправата по овој Предлог закон ќе продолжи утре. 

Претходно, попладнево во рамки на 85. седница парламентарното мнозинство не го усвои Предлогот за изменување и дополнување на Законот за заштита од пушењето предложен од опозицијата.