Македонија
5. October 2022 - 12:49

Собраниска делегација на 20. Состанок МПК – Република Северна Македонија и ЕУ

Во Европскиот парламент во Стразбур денеска и утре ќе се одржи 20. Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ (Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација), на кој ќе учествува Делегација од Собранието на Република Северна Македонија.

Како што информира собраниската прес-служба, во состав на делегацијата се – Соња Мираковска, претседателка на Делегацијата, Фиснике Бектеши-Шаќири, заменик-претседателка, членовите Жаклина Лазаревска, Никола Мицевски, Иванка Василевска, како и заменик-членките на Делегацијата Снежана Калеска-Ванчева и Сафије Садики-Шаини.

На состанокот ќе бидат разменети мислења на теми поврзани со владеење на правото, животна средина и енергетиката, граѓанско општество и медиуми, добрососедските односи и регионалната соработка, како и за дијалогот Жан Моне меѓу Собранието и Европскиот парламент.

Состанокот ќе го отворат Андреас Шидер, претседател на Делегацијата на Европскиот парламент, како домаќин и Соња Мираковска, претседателка на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија.

-Во воведниот дел на настанот, ќе има размена на мислења за односите меѓу Европската унија и Северна Македонија со Микулаш Бек, министер за европски прашања на Чешката Република, во име на актуелното претседателство со Советот;  Бојан Маричиќ, заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања, во име на Владата на Република Северна Македонија; Микела Матуела, шефица на Одделот за Северна Македонија и Албанија, Директорат за соседство, во име на Европската комисија; Елза Фенет, шефица на Одделот за Западен Балкан, во име на Европската служба за надворешни работи и Илхан Ќучук, постојан известител за Северна Македонија во Европскиот парламент, информираат од Собранието.

Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и Европската унија (ЕУ) е формиран врз основа врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација на Република Македонија (особено членот 114), Резолуцијата на Европскиот парламент од 10 март 2004 година, како и со Одлука на Собранието на 7 декември 2004 година.

Неговото формирање е одраз на цврстата државна определба за полноправно членство во ЕУ, како и на заложбите на Собранието преку парламентарен дијалог да придонесе кон процесот на евроинтеграција. Основна цел на МПК е разгледување на сите аспекти на односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, особено имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Комитетот формално придонесува кон издигнување на повисоко ниво на односите и соработката на Собранието со Европскиот парламент, на неговата улога во Спогодбата налага обврска за Советот на ЕУ, Европската комисија и Владата на Република Северна Македонија за нивно целосно учество во неговата работа и редовно информирање на секој состанок на МПК за степенот на спроведување на Спогодбата.